ШТИПСКИТЕ СОВЕТНИЦИ ГИ ДОБИЈА УВЕРЕНИЈАТА, ЗАХАРИЕВ СЕ ПРОСТИ СО ВРАБОТЕНИТЕ ВО ОПШТИНАТА

    ШТИПСКИТЕ СОВЕТНИЦИ ГИ ДОБИЈА УВЕРЕНИЈАТА, ЗАХАРИЕВ СЕ ПРОСТИ СО ВРАБОТЕНИТЕ ВО ОПШТИНАТАТрадиционално фотографирање на советниците пред општинската зграда. (Фото: СДК.МК)

    Новите штипски советници и официјално ги добија уверенијата со кои што е верификуван нивниот мандат во наредните четири години. Од 23 советници, 12 се од СДСМ и коалициските партнери ДОМ, Достоинство и Партијата на пензионерите, а 11 се од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери ПОДЕМ, ГРОМ и Социјалистичката партија.

    По осум години, СДСМ повторно ќе го има мнозинството во Советот и градоначалничката функција. На новиот градоначалник Благој Бочварски вчера Парламентот му ја констатираше оставка како пратеник и се очекува од утре да ја преземе новата функција што досега ја имаше Илчо Захариев.

    Тој, пак, вчера ја имаше последната средба со вработените во локалната самоуправа, а до јавноста се обрати со соопштение во кое што се заблагодарува на граѓаните за досегашната соработка и истакнува дека Општината ја остава со сметка од 4.350.000 денари.

    Се очекува брзо конституирање на Советот, а претседател најверојатно ќе биде доктор Ален Георгиев, кој беше носител на советничката листа на СДСМ. Новиот совет и новиот градоначалник на 8 ноември ќе го одбележат традицоналниот ден на ослободувањето на градот за кога се предвидени повеќе пригодни манифестации и свечена седница на Советот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира