Љубица Јанчева од СДСМ ќе биде претседател на Советот на Град Скопје.
На конститутивната седница која што ја водеше најстариот советник, ексминистерот за правда Михајло Маневски од ВМРО-ДПМНЕ, денеска се верификуваа мандатите на новите советници. СДСМ има 21 советник, ВМРО-ДПМНЕ 17, ДУИ 3, Движење Беса 2 и по еден советник имаат Алијансата за Албанците и Левица.
За изборот на Јанчева не гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои рекоа дека ќе останат воздржани по оваа точка од дневен ред.
„СДСМ сега има апсолутна власт во Советот. Ќе бидеме конструктивна опозиција, ги поддржиме сите проекти кои се во интерес на граѓаните, но ќе бидеме остри за сите деструктивни проекти. Бараме од градоначалникот Петре Шилегов да ги продолжи сите започнати проекти од неговиот претходник Коце Трајановски, вклучувајќи ги и фасадите“, рече Ирена Мишева советничка од ВМРО-ДПМНЕ, која изминатите 8 години беше претседател на Советот.
Градоначалникот Петре Шилегов рече дека ќе биде отворен за соработка со сите советници и ги очекува нивните идеи и предлози особено за решавање на проблемот со загадувањето.
По завршувањето на седницата, Шилегов ги повика сите советници да се фотографираат, за да имаат заедничка фотографија. Градоначалникот ги местеше советниците кој од која страна да застане.
„Вие сте од другата страна, не од нашава“, му рече Шилегов на советник на ВМРО-ДПМНЕ кој застана да се слика до советниците на СДСМ.
А. АНТЕВСКА