Колумбија потпиша 300 милиони долари вреден договор со Обединети нации, во обид да го намали одгледувањето на коката, која е главната суровина за добивање на кокаин.
Земјоделците кои ќе се префрлат на одгледување побезбедни култури, како кафе и какао, ќе бидат компензирани од државата.
„Ова е историска шанса за Колумбија да направи пресврт во одгледувањето на коката. Овој договор ќе им овозможи на фармерите да се префрлат на алтернативни култури. Кокаинот со децении беше средство за финансирање на воениот конфликт во земјата и ако сака мир, таа мора да бара конкретни решенија“, изјави шефот на Канцеларијата за дроги и криминал на Обединети нации, Јури Федотов.
Во моментов, фармерите заработуваат 300 долари месечно за секој хектар кока, но колумбиската влада предупреди дека вооружени групи се обидуваат да го преземат овој бизнис и тие значително ја проширија областа на своето делување последниве години.
Според податоците на ОН, земјиштето на коешто се одгледува кока во државата годишно се шири за 50%.