Предметот „Поткуп“, каде е обвинет премиерот Зоран Заев е во Вишото јавно обвинителство, од кое Апелациониот суд Скопје побарал мислење за да донесе одлука дали ќе важат снимките од посебните истражни мерки во овој предмет, објавени пред две и пол години на Јутјуб.
„Предметот е на мислење во Вишото јавно обвинителство, кое според процедурата, должни сме да го побараме. Нема рок во кој треба да се изјасни ова Обвинителство“, велат официјално за САКАМДАКАЖАМ.МК од Апелациониот суд Скопје.
На претходното рочишпте на 27 септември, судијката Ленка Давиткова, во име на колешката Дијана Груевска – Илиевска, која го води судскиот процес за „Поткуп“, му врачи решение на Заев со кое таа го одбила неговото барање за изземање на ПИ мерките како доказ. Тогаш Заев најави дека ќе поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје, бидејќи, како што рече, искасапената снимка била производ на монтиран случај на обвинителството на Марко Зврлевски против него, и оти ако постои целосна снимка од разговорот со бизнисменот на кој наводно му барал поткуп, ќе се види дека ни поткуп, ни обид за поткуп имало.
На тие снимки се слуша разговор на Заев со бизнисмен, од кој тој наводно бара да му даде поткуп за изградба на црква. Според тоа што беше објавено на Јутјуб, снимката најмалку еднаш е пресечена.
„Со злоупотреби од страна на Обвинителството, правена е конструкција дека барам поткуп од бизнисмен од Струмица само за да бидам оцрнет во јавноста“, рече тогаш обвинетиот премиер, кој упорно јавно бара да се објави целосната снимка од тој состанок.
Одбраната на Заев остро приговара и поради тоа што Обвинителството за организиран криминал, кое го има покренато обвинението врз база на посебните истражни мерки, две години не сака да истражи кој ги пуштил снимките на јутјуб каналот и како се случило тие да протечат од Обвинителството, кое е единствено одговорно за нив.
САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од Обвинителството за организиран криминал дозна дека снимките биле пуштени на интернет со скриена ај-пи адреса и оти не може да им се влезе во трага на сторителите. Исто така, Обвинителството не можело да утврди ни како тие протекле од кај нив. Но, тврдат дека ПИ мерките против Заев во случајот „Поткуп“ биле законски прибавени и оти заради тоа се несоборливи пред судот.
Продолжението на судењето е закажано за 20 ноември. Не се знае дали дотогаш Вишото обвинителство ќе му достави мислење за пи-мерките на Апелациониот суд Скопје, од кое зависи одлуката дали тие ќе важат во постапката или ќе бидат прогласени за неупотребливи или монтирани.
С. К. ДЕЛЕВСКА