Општина Карпош синоќа фатила граѓани кои палеле електрични кабли. Инспекторите од Општина Карпош заедно со службени лица од Министерството за внатрешни работи вечерта вршеле контрола на терен при што во населбата Злокуќани забележале палење на секундарен отпад, што е еден од најчестите загадувачи на воздухот.
„На фудбалското игралиште во Злокуќани, нашите комунални инспектори придружувани од лица од МВР, констатирале палење на повеќе огнови во кои се гореле поголеми количини електрични кабли, со цел да се издвои бакарот од пластиката, кој пак потоа го препродаваат по отпадите. Поттикнувачите на загадувањето биле легитимирани од страна на службените лица од МВР, за што ќе има соодветни санкции“, велат од кабинетот на градоначалникот Стефан Богоев.
Од таму додаваат дека попладневните и ноќните контроли на инспекцијата на Општина Карпош ќе продолжат со засилено темпо и во наредниот период.