Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ вчера ги исече дрвата во паркот кај поликлиниката во Чаир во Скопје, а од Кабинетот на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ги предупредија во иднина да ги известуваат за секоја сеча на дрва пред да ја направат.
Граѓаните кои живеат во околните згради бараат објаснување од Град Скопје зошто е исечен пола парк, кога Скопје се соочува во висока загаденост на воздухот.
„Суви дрва се оставени, а здрави се сечени. Објаснете зошто баш во период на зголемено загадување на воздухот, вие решивте пола парк да го исечете. И објаснете зошто после поплаки од станарите нема даден одговор туку само им е речено да се тргнат и дека така добиле наредба“, напишаа граѓани на Фејсбук.
Од ЈП„Паркови и зеленило“ велат дека ги исекле дрвата бидејќи се работело за тополи кои биле опасни.
„Сечењето е според програмата на Град Скопје. Стануваше збор за тополи кои беа накривени и малку фалеше да паднат врз зградите или не дај боже врз некој човек во паркот. Заради вакви случаи ние плаќаме оштети на граѓани, само пред неколку недели плативме еден милион денари, на граѓанин бидејќи дрво му паднало врз колата. Предвидено е во наредниот период да се сечат тополите спроти поранешна Нова Македонија“, вели директорот на ЈП„Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ.
Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека тие не знаеле за сечата во Чаир и веднаш побарале од директорот Авировиќ без нивна дозвола во иднина да не сечат дрва.
„Во наредниот период ќе направиме увид на програмата и ќе видиме дали навистина има потреба од сечење на толку дрва. Таму каде навистина има потреба да се сечат, ќе засадиме нови“, велат од кабинетот на Шилегов.
А. АНТЕВСКА