Бидејќи делата од сликарската колонија Папрадишки мајстори стојат по депоата, новиот градоначалник на Велес Аце Коцевски, Oпштината која ја организира колонијата, најави дека од следната година сликите ќе се продаваат за хуманитарни цели. Тој рече и дека колонијата се враќа во селото Папрадиште, каде се одржуваше во првите години, па се пресели во Велес.
Колонијата пред осум години беше донесена во Велес од селото Папрадиште, оти уметниците имале здравствени проблеми поради водата која ја користеле за пиење па добиле стомачни тегоби. Колонијата се организираше во селото Папрадиште во знак на сеќавање на големиот неимар, градителот на цркви Андреја Дамјанов, сликарите Ѓорѓи Зографски и Димитар Андонов Папрадишки.
„Изданието во 2018 ќе го организираме во рустикалниот предел на селото Папрадиште, во реновираниот планинарски дом, каде уметниците ќе имаат нова инспирација. Ќе го вратиме на колонијата и копаничарството како специфична уметност. Бидејќи Општина Велес располага со голем фонд дела создадени на колонијата изминатите 13 години, наместо да стојат по депоата, уметничките дела ќе ги ставиме во функција на хуманоста. Во соработка со Ротари клубот и бизнис заедницата од градот ќе организираме хуманитарни аукции на делата од следната сликарско-копаничарска колонија Папрадишки мајстори. Собраните средства ќе ги намениме за децата и лицата со посебни потреби и граѓани кои имаат потреба од хируршка интервенција во странство“, рече Коцевски на отворањето на изложбата на дела од годинашнава ликовна колонија.
Изложени се 50-тина дела, работени во различни техники, слики создадени од 23 уметници од девет земји, кои на крајот од месец август твореа во куќите на уметноста на Касапови и на Џинот.
П. ПЕЧКОВ