ПРИВИЛЕГИРАНИ ФИРМИ ИСПЛАТЕНИ ЗА „БИТ ФЕСТ“ ВО ВРЕМЕ НА ТАЛЕСКИ, НА ДРУГИТЕ ОПШТИНАТА УШТЕ ИМ ДОЛЖИ

    ПРИВИЛЕГИРАНИ ФИРМИ ИСПЛАТЕНИ ЗА „БИТ ФЕСТ“ ВО ВРЕМЕ НА ТАЛЕСКИ, НА ДРУГИТЕ ОПШТИНАТА УШТЕ ИМ ДОЛЖИЕксградоначалникот Владимир Талески, покровител на битолското културно лето „Бит фест“, оваа година на својата матичната куќа Битолски театар во која претходно работеше како актер за годинешниот „Шекспир фестивал“ му исплатил 1,5 милиони денари. Во театарот тој се врати да работи по заминувањето од градоначалничката функција (Фото: СДК.МК)

    Народниот театар од Битола добил најмногу пари од општинскиот буџет предвиден за „Бит фест“ годинава. Ова се гледа од листата што на денешната седница на Советот ја подели градоначалничката Наташа Петровска, а која содржи имиња на институции, фирми и поединци на кои претходната локална власт им платила за учество на „Бит фест“, а на некои не.

    Додека на чело на Општината беше ексградоначалникот Владимир Талески, покровител на битолското културно лето „Бит фест“, оваа година на својата матичната куќа Битолски театар во која претходно работеше како актер за годинешниот „Шекспир фестивал“ му исплатил 1,5 милиони денари. Во оваа институција тој се врати да работи по заминувањето од градоначалничката функција. Од Народниот театар ни потврдија дека од крајот на октомври веќе му тече и плата.

    Но, Општината го немала истиот однос кон другите институции од културата во Битола. Така,  долговите за „Бит фест“ кон Завод и музеј се 300.000 денари, за Библиотеката 200.000 денари и за Центарот за култура 100.000 денари, а беа оставени да ги плати новата локална власт.

    Според листата со фирми кои соработувале со „Бит фест“, по Народниот театар, најголеми суми се исплатени за ДООЕЛ „Ван Груп“ – еден милион денари, која според годинашната програма на „Бит тест“ била застапена со детска интерактивна куклена претстава. Понатаму,  „Футура Тим“ ( 767.000 денари), Друштвото за театарска, филмска и телевизиска продукција  „Астра Веда“ (400.000 денари) застапена според програмата со документарен филм „Од Монастири до Битола“ и други.

    Новата општинска власт останува во следниот период да ги исплати долговите за „Бит фест“ кон повеќе фирми, како на пример, кон дистрибутивната компанија „КТ филм и медиа“ чиј менаџер според податоците на Интернет е Димитар Николов Таки, ексдиректорот на фестивалот „Браќа Манаки“, па фирмите „Катавеј“,  „Камај аудио ДООЕЛ“ и многу други.

    Градоначалничката Наташа Петровска рече дека за „Бит фест“ биле склучени договори во износ од 220.000 евра. Досега исплатени се 180.000 евра, а за наплата остануваат уште 39.000 евра.

    „Силно ја поддржувам културата, но се спротивставувам под закрилата на културни манифестации да се вршат исплати на привилегирани поединци. За целисходноста, наменското трошење и законитоста во плаќањата ќе оставам на институциите на системот. За таа цел ќе побарам од Државниот завод за ревизија да направи ревизија на работењето на Општината“, рече Петровска.

    За да не се соочи со тужби, Оштината неисплатените суми за „Бит фест“ ќе ги обезбеди од ребалансот на буџетот кој денес беше донесен.

    „И како советник сум велелеа дека културата е важен сегмент, точно е дека и таму може да се случат благи отстапувања од она што сте го испланирале при проекцијата на буџетот. Но, не може да станува збор за поместувања на големи суми кои за жал одат на сметка на ставките за инфраструктурни проекти“, рече Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира