Севернокорејски државен медиум го нападна Доналд Трамп што го навредил Ким Џонг-Ун и објави дека за тоа заслужува да биде осуден на смртна казна.
Уредништвото на водечкиот весник „Родонг синмун“ остро ја критикуваше посетата на американскиот претседател на Јужна Кореја минатата недела, кога тој ја опиша Северна Кореја како сурова диктатура. Весникот притоа го нарече Трамп кукавица, затоа што ја откажал посетата на границата на двете Кореи.
„Тој го направи најголемото злосторство, за коешто никогаш не може да добие помилување, а тоа е што се осмелил да го навреди достоинството на нашето врховно водство. Тој треба да знае дека е озлогласен криминалец, кој од корејскиот народ е осуден на смрт“, пишува весникот.
Откако стана претседател на САД, Трамп редовно разменува жестоки зборови и навреди со Ким Џонг-Ун и последно го опиша како мал и дебел.
Како дел од турнејата по Азија, Трамп требаше да ја посети и демилитаризираната зона меѓу двете Кореи, но неговиот хеликоптер се врати само пет минути по полетувањето, наводно, поради лошо време.
„Не е во прашање лошото време. Тој беше преуплашен да погледне во очи на нашата војска“, додаде весникот.