Во Собранието денеска се расправаше за предлогот на група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за измени на Законот за докторска дејност со кој што платата на специјалистите би била 100 илјади денари, а на специјализантите 23 илјади. Опозицискиот пратеник Димитар Стевананџија ѝ предложи на власта да ги скрати непродуктивните трошоци и да им ги скрати платите или да ги избрка од работа шарените револуционери за да обезбеди пари за поголеми плати на лекарите.
Пратеникот од мнозинството Павле Богоевски му одговори дека пари за зголемување на платите на лекарите и специјалистите ќе има кога ќе ја стабилизираат државата од расипничкото и популистичкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашиот буџет служеше само за да ги наполни џебовите на дел од вашето партиско раководство и бизнисмени блиски до нив. Како резултат на тоа, имаме презадолжена држава, општини со блокирани сметки и здравствен систем што се распаѓа. Вие рековте дека сме ја задолжиле државата, но заборавате да кажете дека со тоа задолжување сме ги исплатиле вашите долгови, земени со енормни камати и вкупниот долг е намален за 0,2%. Заклучок, драг колега, пари за зголемување на платите на лекарите и специјалистите ќе има кога ќе ја стабилизираме државата од вашето расипничко и популистико владеење. А не се секиријате, тоа ќе биде бргу“, му реплицираше Богоевски на Стеванаџија.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ му одговори со контрареплика за задолжувањето на актуелната влада.
„Колега Павле, милијарда и петсто илјади нè задолживте за шест месеци. Tолку евра нема испечатено, колку што можете да вие да се позајмите во светот“, рече Стевананџија.
За предлогот на опозицијата ќе се гласа на 24 ноември.
Претходно, Собранието расправаше за Предлог-одлуката на Комисија за избори и изменувања за избор на дополнителни тројца заменици на генералниот секретар Цветанка Иванова, со што вкупниот број на заменици ќе биде пет. Опозициските пратеници обвинија дека тоа е непотребно зголемување на финансиските трошоци на Собранието кои што ќе треба да ги покријат граѓаните. Претседателот Талат Џафери го закажа гласањето заменици на генералниот секретар, исто така, за 24 ноември.