Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан му кажа на премиерот Зоран Заев дека Брисел очекува конкретни резултати за реформите за одблокирање на евроатланската интеграција на Македонија.
„Работите одат во добра насока, но треба уште да се работи. До крајот на годината потребни се конкретни резултати во реформите на безбедносниот систем, правосудството и јавната администрација“, рече комесарот Јоханес Хан на денешната заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
Хан смета дека Македонија треба да ги истрча последните чекори за почеток на преговори за влез во Европската унија.
„Јас и мојот тим сме посветени за позитивна препорака, сакаме тоа да се случи на почетокот од наредната година. Сега сме повеќе сигурни отколку во минатото. Се надеваме дека сите земји членки ќе се изјаснат позитивно. На состанокот минатата недела, каде присуствуваше и вашиот заминик министер во Владата, Бујар Османи, тој виде и самиот дека се оди во позитивна насока, но треба уште многу да се работи“, рече Хан.
Премиерот Зоран Заев рече дека очекува Македонија да добие препорака за влез во ЕУ и датум за претпристапни преговори.
„Ние ќе испорачаме резултати,очекуваме и нивно вреднување од европските институции“, рече Заев.
На прашање за спорот со името со Грција, Заев рече дека има позитивна клима и во Македонија и во Грција, многу контакти и се надева дека ќе биде искористен позитивниот момент за конечно да се најде решение за спорто со Грција.
Комесарот Хан се сретна и со претседателот на Собранието Талат Џафери, и најавени се средби со лидерите на ДУИ, Али Ахмети, Алијансата на Албанците, Зијадин Села и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.