Репертоарот во Театарот за деца и младинци не трпи и покрај тоа што двајца актери заминаа во други театари, а други двајца се на други работни позиции, вели в.д директорката и актерка Катарина Илиевска – Силјановска.
Таа на 14 јули дојде на местото на Братислав Димитров, и оттогаш вели, не игра во две-три претстави, а игра во претходните од изминативе години.
Владимир Лазовски стана заменик -министер за култура, и неговото работно место е во мирување, додека Тања Кочовска-Павловска и Предраг Павловски направија трансфер во Македонскиот народен театар и во Драмски театар.
„Многу е тешко, но се снаоѓаме. Лазовски има целосно право да не игра во Театарот, но ни излегува во пресрет и нѐ замоли, да игра исклучиво за викенд.
Тоа пак, ни е проблем за двете младински претстави, кои се играат само во средите, а каде тој има две големи улоги.
Ќе видиме, или ќе бараме замена или ќе го замолиме да ни излегува во пресрет. Колегите ја сакаат таа сцена и ќе направам сѐ за да ја вратиме, затоа што многу се боревме да ја создадеме.
Тања и Предраг си направија трансфери во други театари, така дошло времето, сѐ во свое време, но и двајцата играат како надворешни соработници во веќе постоечките претстави. За Тања нема замена, таа е уникатна.
За Предраг, ќе гледам во иднина ако можам да го ослободам од ангажманите, ако може некој да влета. Како и да, репертоарот не трпи со тие отстува, бидејќи и јас гледам да влетам каде што можам“, ни рече Илиевска- Силјановска.
В.д. директорката вели дека деновиве ја финишираат новата претстава, „Снежната кралица“, со текст од Билјана Крајчевска, по мотивите од бајката на Ханс Кристијан Андерсен, а во режија на Драгана Милошевски- Попов.
„Верувам дека ќе биде една од нашите поубави претстави“, вели таа, додавајќи оти премиерата е на 29 ноември.
По таа премиера, ТДМ ќе почне со подготовките за младинската претстава по мотиви на „Сидарта“ од Хесе, во режија на Јане Спасиќ.
„Оваа година требаше да ја завршиме со премиера на друг проект, но нема да стигнеме.
‘Сидарта’ е пренаменет проект, бидејќи таа куклена претстава кој бил планирана за 2017 година, Димитров не успеал да ја реализира со бугарскиот режисер Петар Пашов, син на покојниот режисер Петар Пашов.
Таткото Пашов, кај нас ги направи одличините куклени претстави ‘Снежана и седумте џуџиња’ и ‘Дванаесетте месеци’.
Синот требаше да ја работи ‘Месечевата соба’, но ете, не се договориле. Кога дојдов на оваа функција, многу сакав да направиме куклена претстава, бидејќи две години немаме нова на репертоарот, но не можев да најдам куклени режисери. Во Македонија скоро и да нема. Па планирам в година да дојде режисер од Белград“, кажа таа.
Тетарот за деца и младинци е препознатлив и по бројните гостувања во странство, од каде често и се враќаа со наградди, но Илиевска- Силјановска потенцира дека во мандатот на Димитров, ТДМ бил само на едно гостување.
Затоа пак, вели таа, изминативе три месеци, се претставиле на три фестивали во Пустец, во Подгорица и во Бања Лука. Од Подгорица се вратија и со две награди, за сценографија и изработка на кукли во претставата „Петар Пан“ и за најдобра актерка за Тања Кочовска, за улогата на Ѕвончица.
За програмата во 2018 година, Илиевска- Силјановска вели дека го завршува дополнувањето на програмата, бидејќи на новите директори, Министерството за култура им дозвoли да направат ревизија и дополнување на програмата, која на конкурсот за годишната програма за 2018 година ја поднело претходното раководство од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема да бидат повлечени тие проекти на луѓето со кои си аплицирале. Не се осмелувам да направам такво нешто, тие си аплицирале во рок. Има и некои кои претходниот директор не ги ни пратил во министерството, без образложение, и нормално имаат замерки. Зошто воопшто да не стигнат пријавите таму каде што треба, па после друго е дали ќе бидат избрани. Ќе повторам, мене еден од приоритетите ми е куклена претстава како и самофинансирачки проектио со вработените режисери во Театарот“, вели Илиевска- Силјановска.
Б. НЕСТОРОСКА