И КАТИЦА ЌЕ ГО ЧЕКА БУЏЕТОТ ВО СОБРАНИЕ ЗА ДА СИ ГИ ЗАШТИТИ СВЕДОЦИТЕ

    И КАТИЦА ЌЕ ГО ЧЕКА БУЏЕТОТ ВО СОБРАНИЕ ЗА ДА СИ ГИ ЗАШТИТИ СВЕДОЦИТЕСЈО ќе одлучува автономно кое лице ќе биде заштитен сведок, и за кое ќе знаат мал број на луѓе, бидејќи со измените, специјалната обвинителка Јанева одлуките ќе ги носи независно од Советот на јавни обвинители - Катица Јанева во Собранието во минатиот пратенички состав (Фото: Ѓ. Личовски)

    И Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе го чека донесувањето на новиот Буџет за 2018 година за да може да ги заштити сведоците во постаките што ги водат обвинителите што го истражуваат криминалот кој може да произлезе од прислушуваните разговори. Измените на Законот за заштита на сведоци  поминаа во прво читање во Собранието, но пратениците не успеаја да го изгласаат. На дневен ред за гласање во Собранието најрано може да биде ставен пред Нова година.

    Според собранискиот Деловник, кога се расправа за Буџетот, Собранието не држи седници, туку работат Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија. Според Деловникот, целата процедура за донесување на Буџетот треба да заврши за околу 20 дена.

    Со измените на Законот за заштита на сведоци,  Специјалното јавно обвинителство (СЈО) самостојно ќе носи одлуки кои лица ќе бидат заштитени сведоци во случаите што ги работи. Со предложените измени, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе одлучува кои лица ќе бидат заштитени сведоци. Предходно, за таква одлука одлучуваше совет на предлог на јавен обвинител.

    Ова значи дека СЈО ќе одлучува автономно кое лице ќе биде заштитен сведок, и за кое ќе знаат мал број на луѓе, бидејќи со измените, специјалната обвинителка Јанева одлуките ќе ги носи независно од Советот во кој членуваат судија од Врховниот суд, претставник од Јавното обвинителство од редот на замениците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкциите, претставник од МВР и раководителот на одделението во МВР.

    Со измените, Катица Јанева ќе одлучува и за мерката заштита-промена на идентитет. Мерки за заштита на сведоци се: чување на тајност на идентитетот, обезбедување на лична заштита, промена на живеалиште и промена на идентитет.

    Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, уште во јануари 2016 година побара измени во Законот за заштита на сведоци. По десет месеци, односно во октомври, тогашната опозиција СДСМ измените на Законот за заштита на сведоци и продолжување на мандатот на СЈО ги достави до Собранието. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа против, а за Законот за заштита на сведоците гласаа СДСМ, и осум пратеници од ДУИ, двајца не гласаа. Од независните пратенички Љубица Буралиева гласаше „за“, а Солза Грчева и Роза Топузовка – Каревска не гласаа.

    Покрај измените на Законот за заштита на сведоците, Собранието пред Нова година треба да гласа и за измените на законите за Судски совет и за укинувањето на Советот за утврдување факти и одговорност на судиите, како и за изборот на нов јавен обвинител.

    Трите закони, се дел од реформите на правосудниот сектор, кои ги бара Европската унија за да се тргне условната препорака за Македонија за влез во ЕУ.

     

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира