Расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет е одложена. Пратениците утринава биле информирани дека седницата на комисијата, која што требаше да почне денеска во 11 часот, е одложена на неодредено, неофицијално, поради полициската акција утринава, во која што беа уапсени или повикани на распит и пратеници во врска со организираиот напад во Собранието на 27 април.
Засега, нема потврда колкумина пратеници се распит во Основниот суд Скопје 1, а во судот беше донесен пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, кој е член на Комисијата за финансирање и буџет. Според собранискиот Деловник, пратениците имаат право да се повикаат на имунитет за време на давање исказ. Уставот, пак, вели дека пратеникот ужива имунитет и не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое што е предвидена казна затвор во траење на најмалку пет години.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утринава соопшти дека е отворена истрага против 36 лица за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години.
Комисиската расправа за Предлог-Буџет на Република Македонија за 2018 година почна вчера и денеска требаше да се одржи првото продолжение од расправата. Додека се расправа за буџетот во Собранието, сите други активности запираат.
Г. ТРПЕНОСКИ