РАЗГОВАРАМЕ СО ГРУЕВСКИ КАЈ ИВАНОВ ОТИ ИМА ПОЛИТИЧКА МИКРОКРИЗА, ВЕЛИ ЗАЕВ

    РАЗГОВАРАМЕ СО ГРУЕВСКИ КАЈ ИВАНОВ ОТИ ИМА ПОЛИТИЧКА МИКРОКРИЗА, ВЕЛИ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска на состанокот министри за одбрана на САД-Јадранска повелба во Охрид (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата создава услови за градење на национален консензус со клучните чинители и одлучувачки политички фактори, претседателот на државата Ѓорге Иванов и опозицијата, за забрзување на нашето членство во НАТО, рече премиерот Зоран Заев во говорот пред учесниците на состанокот министри за одбрана на САД – Јадранска повелба во Охрид.

    „Во таа насока до три часот наутро бев на средба кај претседателот Ѓорге Иванов, за обид за излез од малата политичка криза, која сè уште трае“, рече премиерот Заев.

    Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека Владата нема да се меша во работата на правосудните органи.

    „Денес Собранието одлучуваше за важни точки, без учество на опозицијата. Нема да бидеме Влада која ќе ги остава работите само да се случуваат, туку влада која сака да ги решава проблемите. Нашата одлука, како политичка партија и одлуката на нашите пратеници да дадат поддршка на органите да го водат процесот, а не политиката. Тоа е затоа што земавме обврска пред граѓаните дека правда ќе има, дека правната држава ќе важи за сите и дека политиката нема да се меша во процесите. Настанот што се случи на 27 април е настан што не можеме да го заборавиме. Македонија ќе излезе посилна само ако има одговорност за оние кои сето тоа го организираа“, одговори Шекеринска на прашањето дали малата политичка криза, што ја спомна Заев,  е поврзана со разговорите што се водат кај претседателот на државата Ѓорге Иванов.

    Шекеринска потенцираше дека како влада ќе разговараат со сите политички фактори за за да не се повторат случувањата од 27 април и Македонија да не стане заложник и жртва на насилните сценарија кои некои ги водеа и се случија настаните на 27 април во Собранието.

    Премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети синоќа имале средба кај претседателот Ѓорге Иванов.

    Според соопштението на сајтот на Претседателот, средбата во Вила Водно се реализира како резултат на претходно започнатите разговори.

    На 28 ноември, вечерта по приведувањето на 36 осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок за организираниот напад на Собранието на 27 април, меѓу кои и 6 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на средба кај претседателот беа премиерот Заев и Груевски.

    За синоќешната средба соопштено е дека „беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија и се разговараше за решенија за излез од моменталната состојба на тензичност во државата, а која што предизвикува загриженост кај граѓаните“.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира