Уште 5 милиони евра треба да плати Град Скопје за изградба на Градската куќа под Кале, до новата зграда на јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Градоначалникот Петре Шилегов од неговиот претходник Коце Трајановски го наследил и долгот за новиот објект на градската администрација, кој веќе подолго време не се гради оти немало пари во градската каса да се плати.
„За Градската куќа требаат уште 5 милиони евра. Градежните работи се во застој, таму веќе подолго време не се работи ништо. Направена е само фасадата а внатрешност не е чепната. Го разледуваме договорот со изведувачот да видиме дали има начин да се намали цената за довршување на објектот“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Градската куќа покрај Вардар почна да се гради во 2011, и при поставувањето на камен темелникот ексградоначалникот Коце Трајановски најави дека ќе биде готова кон средината на 2015 година. Од најавениот термин поминаа 2,5 години а Градската куќа уште не е готова. Изведена е само фасадата а внатрешност на објектот не е завршена.
Пред една година од кабинетот на тогашниот градоначалник Коце Трајановски признаа дека немаат пари за довршување на објектот и затоа градежните работи се во застој.
Изградбата на Градската куќа чини 18 милиони евра. За изградба на објектот Град Скопје склучи договор од 15 милиони евра со „Бетон“, потоа склучи и дополнителен договор од 3 милиони евра за изградба на енергетски ефикасна фасада.
Градската куќа се гради на парцела со површина од 1.274 метри квадратни. Ќе биде на 6 ката и со три подземни нивоа наменети за паркинг. Објектот за гради по идејно решение на Иван Кокалановски и Борче Стојковски. Во неа ќе биде сместена градската администрација, градоначалникот на Скопје, како и даночните одделенија и архивата на Град Скопје.
А. АНТЕВСКА