Победничките фотографии од меѓународниот фотографски конкурс „Награда за прајд фотографија“ (Pride photo award) 2016 на година, вечерва (20 часот) ќе бидат изложени во Националната галерија – Мала станица во Скопје.
Фокусот на конкурсот е сексуалниот диверзитет и родовиот идентитет. Секоја година фотографи од светот ги споделуваат своите најкреативни, најпредизвикувачки и нестереотипни погледи на родот и сексуалноста. Меѓународно експертско жири ги селектира најдобрите дела по што се организира светска изложба. Изложбата веќе беше поставена во Амстердам, Болоња, Џакарта, Ханој и Сан Франциско.
Организатор на изложбата во Скопје е Холандската амбасада во Македонија од каде велат дека овој фото конкурс, има за цел да придонесе кон поправичен и инклузивен свет , преку видливост на сексуалниот и родов диверзитет и создавање свесност за другиот.
„Во време кога личните ставови се под силно влијание на визуелната информација, фотографијата нуди моќна и современа алатка за општествени промени. Сликите поседуваат уникатна моќ да едуцираат и информираат бидејќи ги надминуваат јазичните бариери и културните разлики. Преку доделување награди и изложување на фотографии во чиј фокус се прикажани приказни отаде очигледното, ‘ Наградата за прајд фотографија’ го разоткрива она што се обидуваат да го затскријат малигните моќи и медиуми“, велат од амбасадата.
Изложбата се организира во соработка со холандските амбасади во Тирана и во Приштина и со финансиска поддршка од градот Амстердам, и неколку холандски фондации кои поддржуваат права на сексуална различност.