ШТИПЈАНЕЦ ГО ПРОШЕТАЛ СВЕТОТ, А СЕГА СЕ ДВИЖИ СО КОЛИЧКА ТУРКАЈЌИ ЈА НАНАЗАД

    ШТИПЈАНЕЦ ГО ПРОШЕТАЛ СВЕТОТ, А СЕГА СЕ ДВИЖИ СО КОЛИЧКА ТУРКАЈЌИ ЈА НАНАЗАДЉупчо Ристовски секојдневно се бори со својот инвалидитет, го поминува целиот Штип шетајќи како некогаш, но сега со инвалидска количка (Фото: СДК.МК)

    Шеесетипегодишниот штипјанец Љупчо Ристовски – Пилато го прошетал светот свирејќи по хотели и бродови, а во родниот Штип се вратил кога по долгодишните пaтешествија во Грција доживеал мозочен удар и сега е во инвалидска количка. Оставен сам и без покрив над главата, тој се бори за живот, обидувајќи се да добие статус на станар во зградата на Сојузот на пензионерите и трудовите инвалиди во Штип.

    Ристовски се парализирал пред неколку години, кога на Крит добил мозочен удар како последица на повеќегодишната борба за болниот син. Свирел по светот за да обезбеди егзистенција и за себе и за синот. Со сопругата претходно се оставиле. На Крит кога добил удар бил во шок неколку месеци. Кога се освестил се вратил во Македонија, но синот веќе бил починат.

    Штипјани често можат да го видат по улиците во градот, каде покрај паркираните возила минува со својата инвалидска количка движејќи се наназад, туркајќи ја со единствената подвижна нога што ја има. Го сретнавме пред зградата на Општината Штип, каде отишол да бара помош за посигурен станарски статус. Со половина уста како последица од ударот, почна да раскажува дека за да заработи за себе и за болниот син морал да свири во Грција, Хрватска и многу други земји на овие простори, а често пати и на прекуокенските бродови со кои го пропатувал светот.

    „Сега немам ништо. Немам дом, единствено имам една скромна инвалидска пензија. Речиси секој ден го посетувам гробот на мојот син. Од Штип до гробиштата се движам со количката. Лека полека со саати ќе се дотуркам до гробот, а потоа пак на истиот начин со едната нога ја туркам количката наназад и така се движам. Наидувам на луѓе кои сакаат да ми помогнат, но често се обидувам тоа да го правам сам. Така правам и низ градот и кога одам на прошетка до месноста Бриони, кое е носталгично место и за мене и за многу други штипјани“, вели Пилато.

    Последните денови се бори и официјално да добие соба каде може да живее во Штип. Пред извесно време се сместил во соба која е на Сојузот на трудовите инвалиди, кои му излегле во пресрет. Но, за да не биде некој ден исфрлен бидејќи нема никаков документ за тоа, деновиве барал помош од локалните власти. Општинската комисија веќе го разгледала неговиот случај, а градоначалникот лично напишал ургентно писмо до организацијата на трудовите инвалиди да му го реши проблемот и официјално на хартија.

    „Благодарам на сите што ми помагаат да ми се продолжи животот и некако пристојно да живеам. Се надевам дека наскоро и официјално ќе бидам станар и Нова година да ја дочекам спокојно на раат на свој кревет и во своја соба“,  вели упорниот Пилато кој не ми дозволи да ја симнам  количката од тротоарот на улицата. Само рече: „ Нека, нека, подобро е тоа сам да го направам“, и така од општинската зграда тргна кон својот нов дом, одалечен речиси еден километар.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира