Специјалното јавно обвинителство отвори предмет „Транспортер“ во кој го сомничи градоначалникот на Битола дека го оштетил буџетот за околу 360.000 евра за две учебни години. Тој тоа го правел со манипулации со цената за превозот на учениците, со директорите на основните и средните училишта и со вработени во општинската администрација.
Градоначалникот на Битола Владимир Талески е еден од помилуваните од списокот на претседателот Ѓорге Иванов со 56 политичари и нивни соработници осомничени за кривични дела од Специјалното јавно обвинителство.
За него поради амнестијата од Иванов не се бара никаква мерка, а за 11 други соучесници СЈО побара мерка притвор. Судија на претходна постапка прво одреди притвор за секретарот во општина Битола и најблизок соработник на градоначалникот Владимир Талески. Но, Кривичниот суд во Скопје по жалба на одбраната, му го укина притворот.
СЈО најави дека од Талевски ќе се бара да ја надокнади штетата, оти за тоа не е помилуван, вклучително и конфискација на имот.
Пред општинската зграда веќе трета недела траат протести со кои се бара оставка на градоначалникот и отповикување на одлуката за аболиција на претседателот Иванов.