Со уметнички перформанс на девојки во излог, налик на областа на црвените фенери во Амстердам денеска во Скопје почна одбележувањето на Меѓународниот ден против насилство врз сексуалните работници.
Еден од објектите на булеварот Климент Охридски беше претворен во излог, а неколку сексуални работници се појавија зад осветлените прозорци и танцуваа. Учесниците на денешниот уметнички перформанс „Скопје ред лајт дистрикт“ порачаа дека треба да престане насилството врз нив и побараат гласно и јавно да се зборува за сексуалните работници.
„Преку овој уметнички перформанс сакавме да видиме што мислат луѓето, дали сакаат во градот да има девојки во излог. Граѓаните се љубопитни, застануваат и прават самослик. Улицата е затворена за сообраќај оти се одвлекува вниманието на возачите. Преку овој настан почнува одблежувањето на Меѓународниот ден против насилство врз сексуалните работници. Тие се соочуваат со насилство не само од клиентите туку и од полицијата, која наместо да ги заштити, ги повредува, па дури имаме и пријави на силување“, рекоа од Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуланите работничци „Стар-стар“.
Утре по 10 пат во Скопје ќе се одржи Маршот на црвените чадори, на кој сексуалните работнички заедно со нивните поддржувачи ќе маршираат низ улица Македонија.
А. АНТЕВСКА