Малкумина знаат дека прославениот македонски композитор, диригент и педагог од првата генерација македонски музички дејци Стефан Гајдов (Велес, 8 јуни 1905 – Скопје, 17 јули 1992), во неговите млади години цртал архитектонски цртежи. Негово дело е нацртот од куќата на Глушкови, која Гајдов ја проектирал во 1928, вели Вера Глушкова, која е снаа во оваа фамилија, сопруга на познатиот велешки гинеколог Ангел Глушков, кој е починат. Доказот за ова откритие се наоѓа во една од собите на прекрасната куќа, која е во близина на црквата Св. Богородица, кај Читкушева Чешма.
На нацртот Стефан Гајдов се потпишал како „студент музике“, оти во тој период 1926-1929 учи во Белград, и станува прв Македонец што го завршува наставно- теорискиот оддел при тамошната Музичка школа. Токму во летото кога се враќал во родниот Велес тој го нацртал проектот за куќата на Лазо Глушков, инспириран од куќите кои ги гледал во Белград. Уште еден прилог дека тоа е дело на Стефан Гајдов е иницијалот „М“ во потписот од преоектот, кој укажува на неговиот татко Милан.
„Проектот на куќата на Глушкови е нацртан лично од Стефан Гајдов, велешанец, кој подоцна стана познат македонски музичар на класична музика. Проектот и ден денес го чувам, во рамка, како Гајдов планирал и како се извела, изградила куќата. Ја граделе најдобрите мајстори во тоа време. Мојот свекор Лазо бил мераклија и сакал да има најубава куќа во градот“, вели Вера.
Нејзиниот свекор бил вреден човек, кој се бавел со трговија, често патувал по Европа. Сакал дел од неа да донесе во родниот град Велес. Бил трговец со брашно, работел со афион, но имал и многу лозја, кои ги купил откако Турците заминале од градот. Поради ова имал бочви кои биле за осум илјади литри вино.
Проектот е цртан и куќата е градена во 1928. На куќата од Глушкови се забележуваат прекрасни декоративни елементи, кои ги има на сите четири страни. Тие биле специјално изработени во фабриката на Лефкови „Вила Зора“.
„И денес стојат носачите за балконите, оградата, кукли и ангелчиња на влезната врата. Има цветови, листови. Поради ова, често луѓе кои се надвор од Велес, уметници, странци, кога минуваат ја погледнуваат, посетуваат и прашуваат за куќата. И задолжително ја фотографираат. Фасадата е посебно впечатлива. Во дворот од куќата се снимани и фолк спотови“, додава Глушкова.
И денес останала бојата на куќата иста како и тогаш која е изградена, жолта. Оти токму тука е опеаното Влашко маало, со жолти куќи високи. Куќата е на улицата Јордан Хаџи Константинов Џинот, број 41. По национализацијата во 1948, куќата добива дел нови станари, кои поткровјето го преуредуваат по што е изгубена автентичноста. Во 1955 куќата е вратена на Глушкови. По теркот на оваа куќа се изградени и неколку други на улицата.
П. ПЕЧКОВ