ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА РАНКОВЦЕ ЕДИНСТВЕН ШТО НЕМА ФЕЈСБУК, ОТИ ОПШТИНАТА Е ВО ДУПКА ОД 250.000 ЕВРА И НЕМА СО ШТО ДА СЕ ПОФАЛИ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА РАНКОВЦЕ ЕДИНСТВЕН ШТО НЕМА ФЕЈСБУК, ОТИ ОПШТИНАТА Е ВО ДУПКА ОД 250.000 ЕВРА И НЕМА СО ШТО ДА СЕ ПОФАЛИГрадоначалникот на Општина Ранковце Ивица Тошевски е единствениот од 81 градоначалник што не користи социјални мрежи (Фото колаж: Фејсбук Општина Ранковце/СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Ранковце Ивица Тошевски е единствениот градоначалник во државата кој нема фејсбук профил. Анализата што ја направил тим од специјалисти за социјални медиуми предводен од Бојан Кордалов во периодот помеѓу 4 и 15 декември годинава, покажала дека од вкупно 81 градоначалник во државата 80 користат социјални медиуми и тоа најмногу Фејсбук.

    Градоначалникот Тошевски за САКАМДАКАЖАМ вели дека имал профил додека бил вработен како командир во СВР Куманово, но го изгаснал откако бил споменуван во разговорите на високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ и МВР, а објавени во т.н. бомби.

    „Не сакав да бидам злоупотребуван како вработен во МВР и затоа го угасив профилот. Пред локалните избори не го активирав затоа што во мали места сите се знаат, па политичките опоненти кога ќе видат кои ми се пријатели и кој ми лајкнува слики ќе им вршат притисок и ќе ги поткупуваат за изборите. Откако победив на локалните избори и станав градоначалник не ми дошло до Фејсбук, главата не знам каде ми е од проблеми. Немам со што да се пофалам. Општината е задолжена со 250.000 евра и целосно сме блокирани, па не можеме да комуницираме ни со институциите со кои треба секојдневно да соработуваме, а не да пишувам по социјалните мрежи“, вели градоначалникот Тошевски, кој на локалните е избран како независен кандидат.

    Градоначалникот вели дека по неодамнешните поплави во општината ангажажирал свои пријатели со механизација да ги расчистат патиштата, затоа што нема општински пари да плати. Вели дека ништо од тоа не објавил и не се пофалил на социјалните мрежи, но жителите на општината добро знаат за неговите активности на терен.

    Тој додава дека во општината е исклучен Интернетот и телефоните, немаат пари за основните потреби: хартија, тонер, гориво. Поради долг од 40.000 евра исклучено им е уличното осветлување, за во најското време постои опасност да остане без струја и општинската зграда поради долг од над 20.000 евра. На советниците во Советот на Општината не им се исплатени паушали за последните 5 години.

    Тошевски, сепак, планира наскоро ќе отвори Фејсбук профил затоа што смета дека тоа е потреба на новото време и не треба да се игнорира можност на тој начин да се комуницира со жителите на Општината.

    Општина Ранковце се наоѓа во североисточниот дел на Македонија, покрај магистралниот пат Куманово и Крива Паланка, рурална општина со 4.500 жители.

    С. НИКОЛИЌ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира