АЛАЃОЗОВСКИ И ФИЛМАЏИИТЕ СЕ ДОГОВОРИЈА ЗА ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ДОБАР ФИЛМ

    АЛАЃОЗОВСКИ И ФИЛМАЏИИТЕ СЕ ДОГОВОРИЈА ЗА ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ДОБАР ФИЛМНа 15 декември, филмските работници протестираа пред Министерството за култура кое најави дека македонскиот филм за 2018 ќе добие четири отсто помалку пари од лани (Фото: СДК.МК)

    Министерството за култура ќе го дополни буџетот за филм за 2018 користејќи ги механизмите за пренамена на средства и ребаланс на буџетот, соопшти Министерството по вчерашната средба со директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија и претставници на филмските професионалци.

    На 15 декември, филмските работници протестираа пред Министерството за култура кое најави дека македонскиот филм за 2018 ќе добие четири отсто помалку пари од лани.

    Министерството денес соопшти дека дополнувања на буџетот за филм за 2018 би се извршило во висина доволна за финансирање на проектите што ги исполнуваат критериумите за квалитет, согласно оценките на релевантните комисии во Агенцијата за филм и согласно законските процедури.

    „Министерството за култура во никој случај нема да ја загрози филмската дејност во 2018 година. Предлог – буџетот за 2018, за разлика од буџетите од претходните години што биле зголемувани со преземање на обврски над реалните можности, претставува основа за расчистување на оние преземени обврски, за кои ќе се утврди дека ги исполнуваат сите законски норми. Министерството за култура и филмските професионалци се договорија во периодот што претстои, а по извршените ревизии и евалуацијата на проектите од изминатиот период, како и анализата на актуелната состојба, да се организираат отворени стручни дебати, од кои како заклучок ќе произлезе буџетската ставка за филмска дејност, која ќе биде развојна и доволна да ги задоволи оптималните потреби на македонската кинематографија по европски стандарди“, соопшти Министерството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира