Судот во Солун до петок ќе ја соопшти својата одлука дали Горан Грујевски и Никола Бошкоски ќе бидат екстрадирани во Македонија, објави државната агенција МИА.
Нивниот адвокат Петар Василев изјави дека очекува барањето на македонските власти да биде одбиено.
„Ние очекуваме судот да го одбие барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски“, кажа Василев.
Тие се обвинети за незаконско прислушување во случајот на СЈО, „Тврдина“ и „Таргет“, и беа уапсени од грчката полиција на 18 октомври, кога се обиделе да заминат од аеродромот во Солун со лажни бугарски пасоши.
Грујевски и Бошкоски остануваат во притвор во Солун, бидејќи во Грција ги очекуваат уште два судски процеси: за барање азил, поднесено на 29 ноември и за фалсификувани пасоши, за што треба да се појават пред суд на 17 мај наредната година.