Компјутерскиот систем на ЈП „Улици и патишта“ е хакиран пет дена пред скопскиот градоначалник Петре Шилегов да го назначи за нов директор Сенад Смаиловиќ.
Еден месец откако е хакиран системот тој уште не работи бидејќи од фирмата која е избрана на тендерот за одржување уште не дошле да го поправат. Директорот Смаиловиќ вели дека сè уште нема увид на работата во претпријатието, нема податоци како се работело, ниту точно колкави се долговите.
„Цел месец откако ја преземав функцијата бараме да дојдат вработени од фирмата ’Лирекс‘ да го оспособат системот, но залудно. Планирам да поднесам тужба бидејќи не го почитуваат договорот кој е склучен. Не можеме да работиме, ниту да имам увид на досегашната работа. Немаме ниту една програма за работа, ниту еден документ“, вели Смаиловиќ.
Според досегашните проценки претпријатието кое е под надлежност на Град Скопје има долг од 80 милиони денари. Смаиловиќ вели дека состојбата во ЈП „Улици и патишта“ е очајна и дека минатото раководство работело да се уништи претпријатието.
„Иако дејност на ’Улици и патишта‘ е асфалтирање улици во минатите осум години се склучувале договори со приватни фирми, а ние сме асфалтирале само велосипедски патеки. Не е вложено во ништо, камионите ни се 1969 година, имаме машина за бележење улици а од 250 вработени немало кој да бележи па и за ова повторно се ангажирало приватна фирма. Парите на граѓаните оделе во приватни џебови“, додава Смаиловиќ.
Сенад Смаиловиќ дојде на функцијата директор на ЈП „Улици и патишта“ на местото на Синиша Ивановски кој беше поставен на оваа позиција од ексградоначалникот Коце Трајановски.
А. АНТЕВСКА