ДВЕ НАГРАДИ ВО ЕДЕН ДЕН, ВО БЕРЛИН И ВО БЕЛГРАД, ЗА „КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО“ НА МАНЧЕВСКИ

    ДВЕ НАГРАДИ ВО ЕДЕН ДЕН, ВО БЕРЛИН И ВО БЕЛГРАД, ЗА „КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО“ НА МАНЧЕВСКИ„Крајот на времето“ освои награда за најдобар ненаративен филм на Берлинскиот фестивал на експериментален филм и награда на Белград Алтернативи

    Две престижни награди во еден ден на два европски фестивала освои „Крајот на времето“, кусиот експериментален на Милчо Манчевски неделава. Филмот, снимен како кубанско-американска копродукција, освои награда за најдобар ненаративен филм на Берлинскиот фестивал на експериментален филм и награда на Белград Алтернативи, најстариот балкански фестивал на алтернативен и експериментален филм.

    Образложувајќи ја наградата жирито во Берлин вели: „Кристалниот минимализам и супериорната едноставност на филмот се навистина потресни”.

    Белградското жири во образложението за наградата вели: „Филмот има визуелен магнетизам, формално е заокружен и одлучен, со јасен став и очигледно занаетско мајсторство”.

    „Крајот на времето“ , што имаше светска премиера во април, изминатава година ја освои наградата Елен на еден од најреномираните фестивали за краток филм во Аспен, Колорадо, како и награда на чешкиот фестивал на документарен и експериментален филм Јихлава.

    Манчевски го сними „Крајот на времето“ минатата година во Куба, каде што гостуваше како професор на Државната филмска академија, а постпродукцијата ја заврши во Њујорк. Директор на фотографија е Алан Лопез Мартинез, монтажер Кристина Поженел, композитор и автор на тонскиот дизајн е Игор Василев – Новоградска, а автор на визуелните ефекти Мишо Ристов. Македонија не е учесник во овој филм.

    Филмот досега беше претставен на триесетина фестивали низ целот свет, меѓу кои и Палм Спрингс, Богота, Монтекатини, Сент Луис, Сао Паоло, Бафало, Оаксака, Токио, како и во неколку галерии (Буенос Аирес, Шангај), продаден е за дистрибуција прво во Јапонија, а од јануари и за остатокот од светот.

    Во Македонија филмот премиерно беше прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“, а играше и на Култиватор во Кино Карпош.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира