Каратистите на Макпетрол се закитија со три признанија на изборот на најдобрите спортисти, што на крајот на секоја година го организираат Град Скопје и Сојузот на спортските федерации на Македонија.
Петар Заборски е избран за најдобар млад спортист, откако освои бронзен медал на Европското првенство за помлади сениори во Софија. Тој ја завршува годината и со две злата: од Светскиот куп во Умаг (Хрватска) и од Европската универзијада во Брага (Португалија).
Јуниорката Моника Пендаровска, која освои две злата на Балканското првенство во Херцег Нови, влезе меѓу најдобрите три спортистки, додека Сара Радичевска се најде на четвртото место во изборот на најдобрите спортисти. Таа, меѓу другото, беше златна на Европската универзијада.
„Задоволни сме од изборот на најдобрите спортисти. Нѐ има меѓу најдобрите спортисти во три категории. Нашиот клуб освои пет признанија на двата избори на Град Скопје“, изјави тренерот на КК Макпетрол, Бошко Заборски, сумирајќи ја уште една успешна година за неговиот клуб.