НОВИОТ СУДИЈА ВО „ПОТКУП“ ОДНОВО ЌЕ РЕШАВА ДАЛИ ПРОТЕЧЕНАТА СНИМКА ЌЕ ВАЖИ КАКО ДОКАЗ ПРОТИВ ЗАЕВ, ПРЕСУДИ АПЕЛАЦИЈА

    НОВИОТ СУДИЈА ВО „ПОТКУП“ ОДНОВО ЌЕ РЕШАВА ДАЛИ ПРОТЕЧЕНАТА СНИМКА ЌЕ ВАЖИ КАКО ДОКАЗ ПРОТИВ ЗАЕВ, ПРЕСУДИ АПЕЛАЦИЈАСудењето ќе продолжи за 29 јануaри, кога предметот ќе го преземе друг судија од новиот состав на Одделот за организиран криминал и корупција. - Принтскрин од снимката од ПИ мерките; Зоран Заев пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по жалба на одбраната, го укина решението на судијката од Основниот суд Скопје 1 Дијана Груевска Илиевска во предметот „Поткуп“ против обвинетиот премиер Зоран Заев да го одбие предлогот на неговите адвокати да ги издвои доказите прибавени со посебни истражни мерки, соопшти судот. Станува збор за снимката со струмичкиот бизнисмен, која беше објавена на Јутјуб и на неколку национални телевизии.

    Предметот е вратен на повторно постапување во Основниот суд Скопје 1 поради тоа што судот постапил спротивно на предвидената законска процедура, но одлуката ќе ја донесе нов судија, откако Груевска Илиевска, која досега го водеше предметот „Поткуп“, на рочиштето на 25 декември се прости од обвинетиот Заев, бидејќи со новиот распоред на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев таа ќе суди во кривичниот оддел за полнолетни. Судењето ќе продолжи за 29 јануaри, кога предметот ќе го преземе друг судија од новиот состав на Одделот за организиран криминал и корупција.

    „Во текот на постапката и одлучувањето по Предлогот на одбраната за издвојување на докази прибавени со посебни истражни мерки, поставен на рочиште за главна расправа, првостепениот суд постапил спротивно на предвидената законска процедура кога по предлогот на одбраната за кој не постоела согласност од странките, наместо одлуката да биде донесена од Советот кој бил во заседание, одлуката дополнително вон рочиште за главна расправа ја донел претседателот на советот со што во конкретниот случај излегол надвор од овластувањата утврдени со закон“, соопшти Апелациониот суд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира