ВЕЛЕШАНЕЦОТ ТОДОР МИТУШЕСКИ ПЕНЗИЈАТА ЈА ДАВА ЗА ЦРВЕН  КРСТ

    ВЕЛЕШАНЕЦОТ ТОДОР МИТУШЕСКИ ПЕНЗИЈАТА ЈА ДАВА ЗА ЦРВЕН  КРСТЛокалната власт го прогласи Тодор Митушевски за хуманист на Велес (Фото: СДК.МК)

    Во Велес има многу луѓе на кои им е  потребна  помош, но има  малкумина кои даваат. Тодор Митушевски со години секој месец  неговата, како што вели, скромна пензија ја донира за Општинската oрганизација на Црвениот крст.  Претходно тоа го правел  и за други хумани цели. Овој скромен човек кој никогаш не проговорил за неговата хуманост, упорно и искрено се труди да им помогне на тие што им треба, да им го разубави денот.

    „Јас сум обичен човек и граѓанин. Кога во 2005 се пензионирав добив многу мала пензија, за мене смешна. И реков дека таа ќе ја донирам. Давав на различни места, институции, фондации, таму каде треба. Едно време ја давав на црковно-народната кујна, таму  вложував и многу повеќе. Ќе продолжам да давам. Никогаш не сум чукал со ѕвонче и да се фалам, еве јас давам пари за помош, тоа не. Но излезе на виделина моето работење“, вели Митушевски откако неодамна локалната власт го прогласи за хуманист на  Велес.

    Митушевски прима македонска и словенечка пензија. Кога во 2005 ја добил првата македонска пензија во висина  од  3.600 денари, си рекол дека еден ден ќе ја остава на немоќните. Со неа требало да живеат тој и сопругата. Тој  20 години работел за словенечка фирма и откако ја добил словенечката пензија ја користи за животот на семејството.

    „Тодор од почетокот на  2015, три години по ред, донира средства во фондот за солидарност на Општинската организација на Црвениот крст на Велес. Таму се собираат средства за помош на лица кои се во социјално неповолна состојба“, вели Миле Маџаров, секретар на Црвениот крст на Велес.

    Секојдневието на Тодор е поврзано со околината на село Мартолци, каде се има отселено подалеку од градската врева и гужва. Во природа на чист воздух, настрана од метежот, таму живее мирно и спокојно.  Имало случаи кога знаел каде и кому донира, но во други случаи, како што е  сега со Црениот крст на Велес, ги уплаќал парите, но каде натаму завршувале не знае, но ниту сака да дознае. Вели дека најважно е да се помогне. По професија е  трговец, а кај велешани е  позната како пчелар. Останала некој кошница за пензиониерскиот живот, колку да  има некаква  занимација.  Вели дека како пчелите на кои им го посветува животот, неусетно ја храни вербата во човекот и надежта за поубав свет.

    „Во градот има многу луѓе на кои им е  потребна  помош, но има  малкумина кои даваат. Но треба да се даде повеќе, за да може тие што им треба, што немаат, да  опстанат во животот. Бидејќи не секогаш тој  е праведен,  социјално слабите да живеат подобро“, вели Митушевски и додава: „Кога се има љубов кон човекот, тогаш е можно да се надминат сите бариери“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира