Министерството за труд и социјална политика вели дека годинава ќе вработи 200 нови воспитувачки и негувателки во детските градинки, откако денес Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија (СОНК) остро реагираше што не се продолжени договорите за работа на вработени во детските градинки и на наставници во основните и средните училишта. СОНК ги повика надлежните место да отпуштаат од работа искусен кадар, да вработат и плус нов, бидејќи во детските градинки има сериозен недостиг од кадар.
„Презедовме мерки за надминување на наследените проблеми во детските градинки, со што се обезбедени услови за непречено функционирање и за непречена грижа за децата корисници“, се вели во одговорот на Министерството за труд и социјална политика на реакцијата на СОНК.
- МЕСТО ДА ОТПУШТААТ ИСКУСНИ, НЕКА ВРАБОТУВААТ И НОВИ ВО ГРАДИНКИТЕ ОТИ ФАЛИ КАДАР, РЕАГИРА СИНДИКАТОТ
- ВОСПИТУВАЧКИ И НЕГУВАТЕЛКИ ПРЕД НОВА ГОДИНА ИЗБРКАНИ ОД РАБОТА, НА ЦАРОВСКА НЕ Ѝ Е ЈАСНО ЗОШТО
Од Министерството велат дека прават детална анализа за секоја установа поединечно и дека годинава ќе има трајно решавање на кадровските проблеми, кои во градинките ги создала претходната Влада.
„Потсетуваме дека во последните 11 години системски е уривана детската заштита и е направен недостиг на кадар во градинките од повеќе од 2.000 луѓе. Како што веќе известивме, со Буџетот за 2018 година обезбедивме средства за 200 нови вработувања во градинките, за зголемувањето на платите за вработените во градинките за 5 отсто, дополнителни средства за материјални трошоци за функционирање на градинките“, велат од Министерството за труд и социјална политика.