ОД ДЕНЕС ПАК БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕТО ВО СКОПЈЕ, АВТОБУСИТЕ ЌЕ ГИ ИМА ПОЧЕСТО

    ОД ДЕНЕС ПАК БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕТО ВО СКОПЈЕ, АВТОБУСИТЕ ЌЕ ГИ ИМА ПОЧЕСТОПревозот во автобусите на ЈСП„Скопје“ и приватните превозници ќе биде бесплатен а Градот ќе ги стопира сите градежни активности на подрачјето на главниот град - Скопје денеска - (Фото:Ѓ. Личовски)

    Од денес Град Скопје повторно ги воведе мерките за намалување на загадувањето на воздухот откако два дена по ред нивото на ПМ честичките беше над дозволеното ниво.

    Превозот во автобусите на ЈСП„Скопје“ и приватните превозници ќе биде бесплатен, а Градот ќе ги стопира сите градежни активности на подрачјето на Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов најави дека во наредните денови на улиците ќе има повеќе автобуси, односно нема да важи зимскиот возен ред со кој линиите се поретки за време на училишниот распуст.

    „Апелирам до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз и тоа да премине во навика без разлика на загадувањето, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот“, кажа Шилегов.

    Шилегов побара и општините и институциите на централната власт да ги зајакнат активностите кои се во нивна надлежност за намалување на загадувањето.

    Градоначалникот Шилегов рече дека тој во наредните денови на работа ќе доаѓа пеш, со автобус или со електричното возило на Град Скопје, а градската администрација нема да ги користи службените возила.

    „Инспекциските контроли на Градот се перманентни, утре ќе имаме податоци уште колку нови казни се пишани на фирми загадувачи. Досега беа изречени 25 мерки на субјекти кои не ги почитувале одредбите. Компаративно гледано со претходните две години, иако јас не сум задоволен состојбата е подобрена со амбиенталниот воздух. Борбата против аерозагдувањето бара поголема вклученост од сите нас затоа што во крајна линија сите дишеме ист воздух. За таа цел ги замолувам сите сограѓани сериозно да им обрнат внимание на овие мерки и препораки со цел да можеме да дишеме почист воздух“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира