Пратеничката група на СДСМ до Собранието поднесе предлог закони за измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица и Законот за пратеници со кои што се намалуваат патните трошоци за најмалку една третина.
Според координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, со предлозите се намалува надоместокот за изминат километар за горивото, место 30 да биде до 20 отсто. Поради бојкотот на опозицијата, оставен е простор за додефинирање на овие проценти. Може да бидат и помали, зависи како ќе се договорат сите пратенички групи, додаде Тунтев на денешниот брифинг со новинарите.
За намалување на злоупотребите со патните трошоци, со измените е предвидено пратеникот лично, со кредитна картичка, да ја плаќа патарината и во Собранието кога ќе ја поднесува сметката од патарината ќе треба да го приложи и слипот.
По прифаќањето на измените, треба да донесе одлука собраниската Комисија за избори и именување за точно дефинирање на трошоците за изминат километар.
Г. ТРПЕНОСКИ