ОТИДЕ ДРЖАВАТА

На Марс најдоа вода. Во Македонија уште се бара воздух за дишење.

ОТИДЕ ДРЖАВАТА

1 На денешен ден, 12 јануари, во 1991 година излезе првата колумна „Сакам да кажам“ во весникот „Вечер“.

Не можам да се сетам колку пати до сега во изминатите 27 години си отишла државата. Како сега што викаат луѓето: Леле, леле, ни отиде државата! Оти се донесе Законот за јазиците. Леле, леле, останавме без држава! Ќе го шитнат името. Којзнае што е испазарено со Грција. Кај немаме работа, кај немаме плата, кај немаме култура, кај немаме дисциплина, сега уште и името ќе ни го земат. Само простотилакот со консензус ќе си го зачуваме.

Значи, цели 27 години, барем секој втор или трет петок во колумнава имало муабет или за името, или за Албанците. Што се теми кои неминовно водат кон пропаѓање на државата. Цели 27 години некој друг ни е виновен за пропаѓањето на државата, а тоа што кој како ќе дојде на власт краде, стотици илјади луѓе се иселија, а илјадници од тие што останаа имаат бугарски пасоши, не е пропаѓање на државата.

Баш ме интересира што им значи Законот за јазиците на тие што имаат бугарски пасоши. Колку ќе им биде загрозена македонштината кога ќе си отиде државата? Си имаат резервна. И многу ме интересира што ќе му значи Законот за јазиците на некој Албанец, кога ќе му дојде полицаец на чиј ракав зборот „полиција“ ќе биде испишан двојазично. И кога на албански јазик ќе му соопшти дека на територијата на цело Скопје има само две увидни екипи на крим-техника. Сигурно тогаш кражбата во домот полесно ќе ја поднесе. Оти ќе разбере што му збори полицаецот кога ќе дојде на увид по два дена. Така ти е тоа со патриотизмот.

Верувам дека стручните лица што имаат забелешки за Законот го имаат прочитано и знаат за што зборуваат. Впрочем, за Законот се дебатираше со месеци, имаше три читања во Собранието, комисии, директни преноси на Собранискиот канал, дебати на телевизиите. А сите ние што дрндаме по социјални мрежи и немаме појма што има во законот оти никој не седнал да го прочита, сме ја купиле приказната на ВМРО-ДПМНЕ дека отиде државата. Истото тоа ВМРО-ДПМНЕ чиишто пратеници поднесоа амандмани на Законот, ама се откажаа од нивно бранење. Оти, одбраната на вратарите и на насилниците од организираниот напад на Собранието на 27 април сега им е поважна од одбраната на јазикот.

И ете, отиде државата.

2 Ама отиде и колумната. „Сакам да кажам“ денеска слави 27 години. Со тоа што веќе две години е двојазична. А државата уште не отишла никаде.

3 Британците во 1999 година ни подариле печка за горење медицински отпад. Ама печката не била целосна, оти сме требало да си докупиме филтри што чинеле 200.000 фунти. Што сепак било технолошки скок во однос на претходната состојба, затоа што пред тоа медицинскиот отпад се палел на ливада на 5 километри од центарот на главниот град.

Лондонскиот весник „Гардијан“ во 2001 година пишувал за подарената печка што работи без филтри и испушта отровни материи.

А ние, во 2018 година станавме свесни дека печката во депонијата Дрисла го труе Скопје. Во меѓувреме, депонијата ја дадовме на Италијанци кои требаше да купат шест печки. Тие ни печки донесоа, ни филтри ставија.

Значи, ниту една Влада за 19 години не нашла 200.000 фунти за да не се труе градот во кој живеат премиерот и сите министри, сосе децата. Ако веќе за граѓаните не им е гајле. Додуша, 200.000 фунти се нашле многу пати до сега, ама не за филтри. За неколкукратно менување плочки на плоштадот, за неколкукратно прекопување, поплочување, па асфалтирање на тротоари, за стотици споменици, за стиропорни фасади, па за светла на фасадите, па за железни огради, па за палати вакви, такви и други многу поприоритетни работи отколку чист воздух и почва.

Од што сме имале за попаметни работи да трошиме 200.000 фунти, ние 19 години живееме во гасна комора. Ама, некој друг ни ја зеде државата.

4 Истите родители што пред Нова година на Фејсбук се самоорганизираа да не ги пуштаат децата во школо оти воздухот бил премногу загаден, само десетина дена подоцна се самоорганизираа и собраа 7.000 деца во таканаречена Бадникарска поворка, да пеат таканаречени песни за Господ и да шетаат на истиот загаден воздух.

Ај овие што си ги пуштија децата да шетаат, слободна земја е, нека шетаат каде што сакаат. Ама па, зошто градоначалниците ги примија во Општините? Ги понесе верскиот популизам, и со сјај во очите социјалдемократските возљубени празникољупци го скршија Уставот, во кој пишува дека верата и државата се одвоени. И после, кога сфатија дека сами го скршиле Уставот за кој се избрани да го бранат, ги обвинија децата дека тие самите сакале да им пеат во Општина.

Наставниците ич да не ги споменуваме. Тие, како што му се улизуваа на ВМРО-ДПМНЕ и прифатија верската поука да ја претстават како поука за традиција и обичаи, така сега ќе му се улизуваат и на СДСМ. И исто така ќе ни продаваат вера за обичаи.

Сепак, највозбудлив момент, покрај сознанието дека само прилепскиот градоначалник знае што е секуларна држава и што се вера и обичаи, беше моментот кога децата самоиницијативно отидоа да му пеат за Господ на трговскиот центар Сити мол. Тука ја истакнаа верата во Отецот, Синот и Светиот Мол и му се помолија на вечниот Бог, ако веќе ни отиде државата, барем Мек Доналдс да ни го врати.

Тоа се тие традиционални вредности и обичаи кои со консензус ќе ги задржиме, исто како простотилакот од погорната точка.

5 На Марс најдоа вода. Во Македонија уште се бара воздух за дишење.

И така, почна 28-та година на „Сакам да кажам“. И полнолетството на 21 век.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира