АЛАЃОЗОВСКИ ВЕТИ ДЕКА ГОДИНАВА ЌЕ ЗАПОЧНЕ ОБНОВАТА НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА

    АЛАЃОЗОВСКИ ВЕТИ ДЕКА ГОДИНАВА ЌЕ ЗАПОЧНЕ ОБНОВАТА НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛАОфицерскиот дом стар еден век е споменик на културата, сега е запуштен и оставен да се руинира (Фото: СДК.МК)

    Уште годинава се очекува на терен да започне заштитата на Офицерскиот дом, негова ревитализација и обнова, најави министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Владата на Министерството за култура веќе му префрлила 10 милиони денари за почнување на реконструкцијата, а уште толку средства за истата намена од својот буџет годинава ќе издвои и Општина Битола.

    Офицерскиот дом е споменик на културата, стар еден век, кој во изминаиот период беше оставен на забот на времето и се руинира.

    „Сепак, административните процедури беа отпочнати од претходно и очекуваме тие многу брзо да завршат. Проектот е изработен, ќе се направи ревалоризација и веднаш потоа почнуваме со работа, зашто имаме сознанија дека објектот продолжува да се руинира. Ние парите ги имаме и веднаш ќе пристапиме кон спасување на објектот“, рече Алаѓозовски.

    Во 2019, Општина Битола ќе издвои 20 милиони денари за ревитализација на Офицерскиот дом, а во 2020 40 милиони денари. Ќе се организира и јавна трибина за тоа каков вид културни настани во иднина ќе се одвиваат во Офицерскиот дом.

    „Граѓаните на Битола јасно кажаа дека сакаат тоа да биде културен простор. Детално за тоа во чие владение ќе биде, кој ќе управува и каков тип на култура и уметнички дисциплини ќе се изведуваат останува допрва да одлучиме. Ќе се направи јавна дебата во која преку учество на граѓаните и граѓанските асоцијации ќе се дојде до најдобриот модел во однос на тоа каков тип на култура ќе се развива“, рече министерот за култура.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира