На 15 дена до почетокот на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја, во Македонската радио телевизија уште не знаат дали ќе го пренесуваат овој голем спортски настан.
До денеска уште не се откупени правата за вршење на пренос од Олимпијадата, а дали тоа ќе се стори до почетокот на игрите од јавниот сервис МРТВ не знаат да кажат. Проблемот зошто не се откупени правата како што велат од МТВ за САКАМДАКАЖАМ.МК се парите, односно високата цена која се бара за пренос.
Доколку МТВ не ги откупи правата за пренос на Олимпијадата во Пјонгчанг, тоа ќе биде прв пат во земјава да не се врши пренос од ваков голем спортски настан.
Дополнително гледачите нема да можат да ги следат Олимписките игри ниту на спортскиот канал ‘Јуроспорт‘ бидејќи кабелските оператори ВИП и Телеком од први јануари годинава го исклучија овој канал од програмите кои ги нудат во пакетите.
Директорот на МРТВ Марјан Цветковски на нашето прашање дали гледачите ќе можат да ги следат Зимските олимписки игри на МТВ ни одговори дека не е во тек со ова прашање.
„Не сум во тек со тоа. Таа работа ја тераа уредниците. Да проверам треба. Побарајте ме за половина час“, ни рече директорот Цветковски, но потоа не одговараше на нашите телефонски повици.
Уредникот на спортската редакција на МТВ Драган Николовски вели дека до сега правата не се откупени, но можно е тоа да се случи во последен час.
„Сега за сега ги немаме откупено правата за пренос на Олимпијадата. Проблем се парите, компанијата која ги поседува ексклузивните права има висока цена, во моментов не можам да ви кажам за која сума се работи. Но уште одлуката не е конечна, можно е во последен момент да се откупат правата. Сè ќе знаеме за два дена“, вели Николовски.
Дваесет и третите Зимски олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја ќе се одржат од 9 до 25 февруари а ќе учествуваат 94 земји.
А. АНТЕВСКА