ВРХОВНИОТ СУД ЌЕ ГИ ПОПРАВА ОДЛУКИТЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ДА СЕ СПРЕЧАТ ДОСЕГАШНИТЕ МАНИПУЛАЦИИ

    ВРХОВНИОТ СУД ЌЕ ГИ ПОПРАВА ОДЛУКИТЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ДА СЕ СПРЕЧАТ ДОСЕГАШНИТЕ МАНИПУЛАЦИИНовина е што претседателот на Врховниот суд го губи правото да гласа во Судскиот совет, при избор и разрешување на судии, како што беше досега. - претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет кој од 2006 година е без контрола, конечно добива претпоставен орган  во Врховниот суд. Дванаесет  години Судскиот совет апсолутно сам и без никаква одговорност и отчетност бираше, унапредуваше, казнуваше и разрешуваше судии, што доведе до тоа Македонија да ги добива со години најлошите оценки и критики за судството, за денеска да достигне степен на најголема партизираност, корупција, зависност и недоверба од граѓаните.

    Ова го преддуваат измените во Законот за Судски совет кој е во драфт верзија и е испратен до Здружението на судии, а веќе од вчера им се дава на судиите за да го кажат своето мислење.

    Судија или претседател на суд кој не е избран, или унапреден од страна на Судскиот совет, а на негово место бил избран друг, со аргументи  за квалитет и за бодови, може да го поништи изборот. Рокот за жалба до Врховниот суд е осум дена. Највисокиот суд може да ја поништи одлуката на Судскиот совет и да ги именува тој судија или претседател на суд , кој не бил првично избран.

    Во меѓувреме, Судскиот совет на веб страната треба да ја објави бодовната состојба и ранг – листата на судиите и кандидатите за претседател на суд што конкурирале на огласот. Ќе мора отсега и јавно да образложи и поткрепи зошто е избран некој судија (или претседател на суд).

    Новина е што претседателот на Врховниот суд го губи правото да гласа во Судскиот совет, при избор и разрешување на судии, како што беше досега.

    Судија кој ќе биде разрешен од Судскиот совет, по жалбата што ќе ја поднесе пред  9-члена комисија во Врховниот суд, ако добие, ќе биде вратен на функцијата. Судскиот совет ќе нема повеќе збор, одлуката ќе мора да ја почитува. Според предвидените реформи, Врховниот суд во рок од 10 дена од денот на приемот на жалбата на судијата, формира Совет за одлучување од тројца судии од Врховниот суд, четворица апелациони и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката.

    Со години изборот на судии се вршеше со голема нејаснотија. Јавноста никогаш не можеше да дознае зошто некој е избран, а друг судија не е, зошто анонимни судии беа одеднаш унапредувани, а долгогодишни судии некогаш не беа избирани во повисоки судови, зошто членовите на Судскиот совет гласаат едногласно кога некој треба да биде избран, судии беа унапредувани, а други од непознати причини, во тајност разрешувани.

    Актуелниот состав на Судскиот совет на чело со Зоран Караџовски, носеше судии од други градови и судии со само една година работен стаж во Судот за организиран криминал во Скопје, За сомневањата дека такви судии се бираат за да завршат партиски и корумпирани директиви, на Македонија сериозно и забележа Стејт департментот во ланскиот извештај.

    Во иднина седниците на Судскиот совет ќе бидат целосно јавни, ќе се снимаат и тонски, а постапките ќе мора да се целосно транспарентни и објавени на неговата веб страна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира