ЦИПРАС МУ ВЕТИЛ НА ЗАЕВ ДЕКА ЌЕ ЈА ОДБЛОКИРА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА СПОГОДБАТА ЗА СТАБИЛИЗАЦИЈА И АСОЦИЈАЦИЈА СО ЕУ, ЗАКОЧЕНА ОД 2009

    ЦИПРАС МУ ВЕТИЛ НА ЗАЕВ ДЕКА ЌЕ ЈА ОДБЛОКИРА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА СПОГОДБАТА ЗА СТАБИЛИЗАЦИЈА И АСОЦИЈАЦИЈА СО ЕУ, ЗАКОЧЕНА ОД 2009Грција нема да го блокира и членството на Македонија во Јадранско-Јонска Иницијатива. - Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас денеска се сретнаа на Светскиот економски форум во Давос (Фото: Влада на РМ)

    Грција нема да ја блокира Република Македонија да ја почне втората фаза од имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), како и  членството на Македонија во  Јадранско-Јонска Иницијатива (ЈЈИ), се двете отстапки што ги ветил грчкиот премиер Алексис Ципрас на средбата со македонскиот премиер Зоран Заев на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија , брифираат владини извори.

    Македонија поради блокирањето на Грција, иако ја има спроведено во целост веќе 14 години, не може да ја почне втората фаза од имплементацијата на ССА, која е во процедура на одобрување  од Советот на ЕУ уште од 2009 година.

    Отпочнувањето на оваа фаза, врз Македонија ќе има импликации и врз правото на основање, вршење на услуги, тековни плаќања и движење на капитал, како и во делот на постепено усогласување на законодавството.

    Дополнително, ССА содржи рамка за политички дијалог и ја зајакнува регионалната соработка, што со примената на одредбите од втората фаза би се постигнал степен на унапредување и проширување на пазарите и економските односи помеѓу РМ и земјите од ЕУ, преку воспоставување на основите за техничка и финансиска помош.

    Втората отстапка на Грција, е дека нема  веќе да не блокира и за членството во ЈЈИ,  со што Македонија како членка би добила можност да ја продлабочи билатералната соработка со другите членки, кои се меѓу најважните македонски партнери во меѓународната економска соработка и трговија и на меѓународно-политички план (Италија, Грција, земјите на поранешна СФРЈ), да учествува равноправно во обмислувањето на стратешката развојна ориентација во географскиот Регионот на кој му припаѓа, преку активна улога во органите на ЈЈИ, да биде рамноправен партнер и да  учествува равноправно во конкретните форми на соработка утврдени како приоритетни: транспорт, туризам, култура, животна средина, итн.

    Како доказ дека Македонија е посветена кон изнаоѓање на решение и дека нема никакви територијални претензии кон Грција,, премиерот Зоран Заев, на заедничката прес конференција со грчкиот премиер Алексис Ципрас  најави дека Владата ќе го промени името на аеродромот и автопатот. Автопатот ќе се вика „Пријателство“.

    Грчкиот премиер Алексис Ципрас кажа дека преговарачкиот процес се приближува кон крајот и дека решението за името треба да важи ерга омнес

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира