Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе околу 35 илјади амандмани во третото читање на Законот за употреба на јазиците, за кој пратениците (по вторпат) требаше да гласаат на седницата закажана в понеделник. Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја чека вкупната бројка на амандманите во врска со забелешките на шефот на државата Ѓорге Иванов, кој одби да го потпише указот за еднаш веќе изгласаниот Закон за јазици. Во понеделник ќе соопшти што ќе прави со седницата.
„Треба првин да ги видам амандманите. Јас немам право да им го ускратувам правото на пратениците да поднесуваат амандмани. Но она што сакам да го истакнам е дека Законот за употреба на јазиците е веќе изгласан. Сме поднесувале и ние илјадници амандмани, но не е исто кога ќе поднесете волку амандмани на второто читање на еден закон и кога ќе поднесете на третото читање, како што сега тоа го прави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Намерата е јасна, да се блокира изгласувањето и примената на Законот за јазиците, а не тој да се поправа. Под плаштот да се поправа, Законот всушност се блокира“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК спикерот Џафери.
Денеска Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека амандманите биле суштински.
„Овој Закон е во спротивност со Уставот и ние бараме од предлагачот, односно Владата предводена од СДСМ, да го повлече. Првенствено настапуваме со амандмани, не би рекол дека тоа е блокирање. Ние бараме унапредување на сите етнички заедници во Република Македонија“, изјави Ѓорѓиевски.
Џафери останува на ставот дека штета со блокадата за законот и на работата на Собранието, повторно ќе претрпи ВМРО-ДПМНЕ.
„Спротивно на позициите што ги прокламираат високите функционери од ВМРО-ДПМНЕ дека се за комуникација со сограѓаните Албанци, тие директно удираат по таа комуникација. Во тој контекст оди ова блокирање на нивна и на штета на партијата“, смета Џафери.
За 30.000 амандмани, Џафери пресметува дека под услов секој работен ден да ја има на дневен ред оваа точка, и ако за секој амандман мора да се дадат три минуди за образложение од подносителот, Собранието би расправало 90.000 минути или математички, вели тој, најмалку шест месеци расправа само за поднесените амандмани на ВМРО –ДПМНЕ.
С. К. ДЕЛЕВСКА