Од денес превозот во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници е бесплатен, оти стапија на сила итни мерки за намалување на аерозагадувањето, откако два дена по ред загадувањето на воздухот беше над дозволеното, односно над 200 микрограми на кубен метар.
Покрај бесплатниот превоз стопирани се сите градежни активности на градилиштата надлежност на Град Скопје.
Градските власти апелираа до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.
Со вонредните мерки се опфатени и градежните компании кои треба редовно да ги измиваат градежните возила при излез од градилиштето, а транспортот на градежните возила и машини да се прави во 7.30 часот.