Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски на 17 март во Македонската филхармонија ќе има концертна промоција на својот 35 албум во богатата кариера, насловен „Мајчин јазик“, во издание на „Кроација рекордс“. Гости на концертот ќе бидат српската етно пејачка Биља Крстиќ и македонската група „Љубојна“.
Стефановски денес на промоцијата рече дека овој албум го направил како едно мало интимно парче музика, затоа што го размислувал, го мечтаел 20-тина години, но го чекал моментот кога треба да го сними.
„ Tој момент дојде лани на крај на април, почеток на мај, затоа што бев во некакво посебно расположение, со засилени емоции во себе. Влегов во студио и и го снимив за три – четири дена“, рече музичарот.
Сопругата на Влатко Стефановски почина на крајот на ноември по долго и тешко боледување.
Идејата му била да направи минималистички албум, како што рече – еден човек, една гитара и еден микрофон.
„Сведоци сме на неверојатна агресија на технологијата, на која ни музиката не е имуна. Сѐ повеќе слушаме машини отколку луѓе и токму како одговор на таа технолошка експанзија, решив да снимам интимен албум и да им се обратам на моите фанови и на моите слушатели, директно од мојата гитара на нивното увце“, кажа тој.
Стефановски додава дека самиот ги осмислил насловот на албумот, како и обвивката, на која има фотографија од неговата мајка Нада.
„Насловот го смислив имајќи на ум дека снимам автентична музика, воглавно теми од македонската народна музика, а се разбира и мои композиции.
Постојат работи кои се автентични и кои се наследени, и оние кои ги стекнуваме со нашето образование и желба за сознавање. Но, некои работи се природни и ги носиме во себе.
Можам да научам и јапонски, но тоа ќе биде научен јазик.
Го крстив така, затоа што овие теми ми се мајчин јазик. Јас се обраќам на тој мајчин јазик, се надевам дека добро музички го владеам“, рече гитарската легенда.
За фотографијата од обвивката, Стефановски раскажа дека ја нашол случајно меѓу многу други фотографии, постери и плакати и се фасцинирал кога ја видел мајка си со гитара.
Фотографијата е од 1946 година, во театарот во Крагуевац, кога мајка му ја играла улогата на Маша во Толстоевата драма „ Жив леш“.
На новинарско прашање, дали размислува за обединување на култниот состав „Леб и сол“, Стефановски одговори: „ Јас на сите членови им посакувам добро здравје и среќа. Не можам да кажам апсолутно не, но во овој момент немам такви желби. Тие желби и апетити ги задоволив со обединувачката турнеја во 2006 година“.
По Скопје, Стефановски го очекуваат концерти во Белград, Виена и во Загреб.
Б.НЕСТОРОСКА