Диего Армандо Марадона тврди дека му била одбиена виза за влез во САД само затоа што Доналд Трамп го нарекол будала во едно гостување на телевизија.
Марадона моментално работи како тренер во Обединети Арапски Емирати, но требало да се појави на суд во Мајами, бидејќи ја тужи поранешната сопруга Клаудија Вилјафање, која ја обвини дека го ограбила.
Тој првпат беше исфрлен од САД во 1994 година, поради позитивен допинг-тест за време на Светското првенство, што се одржа таму. Сега тврди дека властите повторно не сакале да му издадат виза, а неговиот адвокат Матијас Морија појасни што навистина се случило.
„Диего беше во процес на добивање на американска виза, кога гостуваше на венецуеланската телевизија ‘Телесур‘. Можете да замислите! Бев во амбасадата кога му реков на Диего, ‘Те молам, не зборувај ништо за САД‘. Бидејќи интервјуто одеше на ‘Телесур‘, знаев во која насока можат да отидат работите. Уште второто прашање беше ‘Што мислите за Доналд Трамп‘. Тој кажа дека Трамп е чиролита, што е сленг за будала. После ова, му реков дека јас ќе мора да го претставувам на суд во Мајами“, кажа Морија.