Земјоделците од Валандовско бараат државата да интервенира за да се откупат произведените количини зелка кои стојат по нивите. Во овој Регион, деновиве ниту има организиран откуп ниту пак заинтересирани трговци кои речиси секоја година набавуваа зелка преку зимскиот период и вршеа извоз токму од Валандовско. Од таа причина, земјоделците од Пирава, Јосифово но и од Бојмискиот крај се приморани да го носат производството по градови во државата и да ја нудат за 4 денари за килограм.
„Моменталната ситуација со откупот на зимската зелка во Валандовско е катастрофална. Откупните цени се многу ниски. Со четири денари за килограм, основните трошоци не можеме да ги покриеме. Меѓутоа, си инвестирал и мора да го собереме родот, колку-толку да си ги повратиме средствата. Производството го нудам во Скопје, што значи дека имам и транспортни трошоци. Мора државата да помогне да се најдат пазари за да има извоз на зелката од овде“, вели Митко Ризов од Пирава, кој планира веќе да не сади зелка.
Бидејќи нема откуп, земјоделците стравуваат дека зелката оваа зима ќе им скапува по нивите.
Откупните компании, пак, тврдат дека нема побарувачка од странските пазари за зимската зелка од Валандовско или дека е сведена на педесетина тони неделно, што е малку во однос на засеаното и произведеното .
Ристо Велков од Сојузот на синдикатите на земјоделски производители од Струмица, тврди дека ова е сигнал оти за земјоделците претстои уште една лоша сезона со откупот на зеленчукот во Југоистокот.
„Ако во моментов зелката е по 4 денари, тогаш пролетниот турнус ќе биде за два денари оти тогаш понудата ќе биде тројно зголемена. Мора да се фокусира државата да се најдат сигурни пазари, за да се промовира дека произведуваме зеленчук во текот на цела година“, вели Велков.
Зелката во Валандовско-Гевгелискиот Регион во овој период од годината е засадена на најмалку 100 хектари, а во Струмичко, чија берба допрва се очекува, на над 500 хектари.
В. ТРАЈКОВ