Стотици илјади Грци излегоа на улиците на Атина, протестирајќи против какво било компромисно решение во решавањето на неколкудеценискиот спор помеѓу Скопје и Атина околу употребата на името Македонија.
„Македонија е грчка“, „Подалеку рацете од Македонија“, извикуваа демонстрантите собрани на плоштадот Синтагма, пред грчкиот парламент.
„Македонија е грчка и единствено грчка. Тие се обидуваат да ја украдат нашата историја. Мора да се бориме, за да знае целиот свет“, изјави Алија Сарелис, кој допатува од САД специјално за протестот.
Околу 2.500 автобуси пристигнаа од северна Грција, како и два брода од Крит, превезувајќи ги демонстрантите, објавија медиумите, додека полицијата не ги потврди овие бројки. Организаторите најавуваа дека на протестот ќе дојдат милион луѓе.
„Илјадници жители на Крит ја пролеале својата крв за Македонија“, кажа еден од нив.
Еден од главните говорници беше 92-годишниот композитор Микис Теодоракис.
„Јас сум мирен и подготвен. Не дозволувајте да бидете уплашени“, кажа Теодоракис.
Во исто време, анархистичките групи одржаа контрапротест, повикувајќи на балканско единство.
Пред две недели, голем протест се одржа и во Солун, на кој, според полицијата, имало 90.000 луѓе, а според организаторите – 400.000.