„БИКИНИ МУН“ ЌЕ ЈА ИМА ЕВРОПСКАТА ПРЕМИЕРА ВО ПОРТО И НА БЕЛГРАДСКИ ФЕСТ, МАНЧЕВСКИ ПРЕТСЕДАВА СО ЖИРИТО

    „БИКИНИ МУН“ ЌЕ ЈА ИМА ЕВРОПСКАТА ПРЕМИЕРА ВО ПОРТО И НА БЕЛГРАДСКИ ФЕСТ, МАНЧЕВСКИ ПРЕТСЕДАВА СО ЖИРИТОГлавната улога во „Бикини Мун“ ја игра Кондола Рашад, која игра харизматична жена војник со психички проблеми

    „Бикини Мун“, петтиот филм на Милчо Манчевски, ќе има европска премиера овој месец. Тој ќе биде прикажан на белградски ФЕСТ, каде што македонскиот режисер ќе биде и претседател на жирито, и на фестивалот „Фантаспорто“ во Порто. Следниот месец, „Бикини Мун“ ќе игра и на фестивалот во Софија.

    Четириесет и шестото издание на ФЕСТ почнува на 23 февруари, а ќе го отвори еден од најголемите фаворити на претстојните Оскари, „Три билборди пред Ебинг, Мисури“.

    Бидејќи ќе претседава со жирито, филмот на Манчевски, кој е германско-американска копродукција, ќе биде прикажан надвор од конкуренција.

    На ФЕСТ ќе има премиера и документарниот филм за опусот на Манчевски, во режија на ветеранот Дејан Вражалиќ, продуцент на Емир Кустурица и на „Буре барут“ на Горан Паскаљевиќ.

    „Бикини Мун“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, собирајќи големи пофалби од бразилските критичари. „Брилијантен авторски филм.“ „Милчо, провокативен како и секогаш, прави особено оригинален и силен коментар за информатичкото општество“, пишуваше бразилската критика.

    Главната улога во „Бикини Мун“ ја игра Кондола Рашад, која беше трипати номинирана за бродвејската награда Тони. Нејзиниот лик Бикини Мун Дејвис е харизматична жена војник со психички проблеми, која го привлекува вниманието на документарна екипа. Тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава.

    Во оваа модерна бајка уште играат Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстајн.

    „‘Бикини Мун‘ е психолошки портрет, кој има формат на лажен документарец и зборува за тоа како медиумите, вклучувајќи го и филмот, го експлоатираат поединецот. Денес, секаде и секој снима и тоа го гледаме сите: од прислушување и безбедносни камери до самослик на Фејсбук. ‘Бикини Мун‘, како и моите досегашни филмови, зборува за природата на вистината, лагата и на илузијата“, изјави Манчевски.

    Манчевски, кој дипломираше на филмска академија во САД, ја започна професионалната кариера со филмови и спотови во Њујорк (освојувајќи ја и нагрaдата на Ем-Ти-Ви), каде и живее. После номинацијата за Оскар и наградата Индепендент спирит, соработуваше со холивудските студија и работеше на серијата „Жица“ (The Wire) за Ејч-Би-О. Неговиот филм „Пред дождот“ е најнаградувано македонско уметничко дело (Златен лав во Венеција и уште 30 други меѓународни награди), а „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговиот последен македонски филм, „Мајки“ е снимен пред осум години, а во меѓувреме тој го сними кубанско-американски експериментален филм „Крајот на времето“ кој освои четири меѓународни фестивалски награди и„Бикини Мун“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира