Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвини новата општинска власт во Битола дека го закочила процесот на легализација, а од Општината одговорија дека тој е во тек, но дел од предметите се на ревизија зашто биле утврдени нерегуларности.
„Се осмелија да го пасивизираат и блокираат еден од основните процеси кои се во нивна надлежност, а тоа е процесот на легализација на дивоградби. Ја прашуваме Петровска дали од моментот кога ја презеде функцијата прв човек на Општината, па до денес Општина Битола нема издадено ни едно решение за легализација на дивоградби“, изјави Елена Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалничката Наташа Петровска одговори дека процесот не е закочен, туку дека сите случаи се разгледуваат внимателно зашто забележале нерегуларности во одлучувањето по предметите за легализација на бесправно изградени објекти.
Таа соопшти дека за ист случај за легализација на дивоградба, една општинска служба го завршувала процесот и се чекал уште потписот на градоначалникот, а друга служба констатирала дека објектот бил бесправно изграден подоцна од законскиот термин, поточно по 2011 година.
„Открив неколку такви случаи на преклопување на два спротивставени документа од една иста администрација. Веќе завршен процес на легализација до издавање на решение да го потпиши градоначалник од една страна и од друга издадено решение за воочена дивоградба на бесправно изграден објект после март 2011 година. Кога ги открив овие неусогласувања решив дека на тоа треба да се пријде сериозно и да се добијат од други инстанци инструкции како да се постапува во таков случај, а притоа да се заштити и правото и интересите на општината и на државата“, рече Петровска.
Таа побара од градежната инспекција да и достави список на сите граѓани за кои е издадено решение за воочена дивоградба после 2011 година. Секое решение за легализација кое ќе дојди на потпис кај неа ќе биде споредено со тој список, ако нема преклопување постапката ќе заврши и решението ќе се издаде.
Ж. ЗДРАВКОВСКА