Режисерката Нела Витошевиќ доби најмногу проекти во драмската дејност за 2018 и годинава ќе режира во четири национални театри, а претставите вкупно чинат 4,8 милиони денари.
Министерството за култура вчера ја објави годишната програма за одобрени проекти, со објавени членови на комисии и износ на пари, колку барале а колку добиле институциите. Министерот Роберт Алаѓозовски кажа дека на конкурсот пристигнале вкупно 5.018 пријави, а поддржани се над 50 отсто од сите пристигнати апликации.
Во драмската дејност се прифатени 123 проекти, за кои одлучувала комисијата со актерот во пензија од Македонскиот народен театар (МНТ) Петар Арсовски, драматургот од Драмски театар Викторија Рангелова и Хамди Рашиди.
Витошевиќ, од неодамна вработена во МНТ, а изминативе години активен автор во независниот театар, годинава ќе режира во МНТ, Драмски театар и во Прилепски театар. Режисерката вчера имаше премиера во Штипскиот театар, „Бог на масакрот“ по текст од Јасмина Реза, кој е проект одобрен и започнат со подготовки во 2017 и префрлен со реализација во 2018, а чини 500 илјади денари, колку што биле побарани.
Во матичниот театар ќе го работи текстот „Змеј“ на Евгениј Шварц, за кој биле побарани 3 милиони и 934 илјади денари, а одобрени се 1 милион и 800 илјади денари. Во Драмски ќе работи на „Странци“ од Филипо Болоња, за кој се побарани 1 милиони и 775 илјади денари, а одобрени се 1 милион и 500 илјади денари. Во Прилеп, каде досега ги има поставено „Змејовата невеста“ и „Сон на летната ноќ“, овој пат ќе го режира „Галеб“ од Чехов, поддржан со 1 милион денари, а биле побарани за 400 илјади повеќе.
После Витошевиќ, режисери кои најмногу ќе работат, со по две претстави се Васил Христов (Драмски и Турски театар – 1,6 милиони плус 1,2 милиони денари), Владимир Милчин во Струмица и во Битола (1 милион денари плус 1. 8 милиони денари), Виолета Џолева во Театар за деца и младинци и во Драмски (1 милион денари плус 500 илјади денари), Љупчо Ѓорѓиевски во Прилеп и во Струмица (1 милион денари плус 900 илјади денари.)
Најскапа претстава, од 3 милиони денари, ќе биде „Месец дена на село“, која реномираниот италијански режисер Паоло Маџели од април ќе почне да ја работи во МНТ. Театарот за овој проект по текст на рускиот писател Иван Тургењев побарал 4 милиони и 225 илјади денари.
Споредувајќи ја годишната програма за 2018 со програмите од неколку години наназад, се забележува дека досега режисери како Љубиша Георгиевски, Синиша Евтимов, Деан Дамјановски и Љупчо Ѓорѓиевски имале максимум по две претстави во годината во театарите низ државата.
Пројковски е рекродер по премиери во една година. Така, во 2012 имал премиера во Драмски со текстот на Венко Андоновски „Генетика на кучињата“, како префрлен проект од програмата од 2011. Истата година работел и во Театар Комедија и во Охридскиот театар, а го режираше и отворањето на Охридско лето, за руската копродукција „Ромео и Јулија“ помеѓу МНТ и театарот од Санкт Петербург „Вера Комисержевскаја“.
Во драмската дејност од други установи поддржани се вкупно 55 проекти.
Б. НЕСТОРОСКА