ПАЦИЕНТИТЕ НЕМА ДА СЕ ВОДАТ НА МАТИЧЕН ЛЕКАР, ТУКУ НА МАТИЧНА АМБУЛАНТА

    ПАЦИЕНТИТЕ НЕМА ДА СЕ ВОДАТ НА МАТИЧЕН ЛЕКАР, ТУКУ НА МАТИЧНА АМБУЛАНТА„Сѐ уште не можам да кажам кога ќе стартува промената, оти се работи на најсоодветно решение“, вели министерот за здравство Венко Филипче. - Министерот Филипче со д-р Калина Старделова Гривчева, претседател на Лекарската комора (Фото: СДК.МК)

    Пациентите при избор на матичен лекар нема да се водат на име на избраниот лекар, туку на имe на приватната здравствена установа во која работи докторот. Ова се дел од измените што министерот за здравство Венко Филипче ги најави минатата недела пред состанокот во Лекарската комора.

    „Сакаме пациентите да ги префрлиме од име на докторот на име на ординацијата, за да се избегнат проблемите кои се јавуваат кога докторите преминуваат од едно место на друго или се пензионираат“, кажа Филипче пред состанокот во Лекарската комора.

    Оваа промена ќе им го олесни пристапот на пациентите до примарното здравство, бидејќи веќе нема да мора да внимаваат дали нивниот матичен лекар е на смена или неговата замена, односно ќе може во кое било време да појдат на лекар.

    Освен пациентите да бидат заведени на име на приватната здравствена установа, матичните лекари бараа и лиценцата за работа да не се дава на име на еден лекар, туку на име на ПЗУ во кое работи, за да се избегнат ситуациите во кои се затвора цела здравствена установа кога лекарот кој е носител на лиценцата оди во пензија или во случај на негова смрт.

    „Во таков случај другиот доктор и медицинските сестри автоматски остануваат без работа, бидејќи носител на дозволата за работа е докторот што се пензионирал или починал. Ова го бараме веќе седум години наназад“, вели Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на матични лекари.

    Министерот Филипче за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека во моментов разгледуваат што и колку од барањата на матичните лекари може да прифатат и да ги направат потребните промени, за да се олесни работата и на лекарите, но и да им се олесни и на пациентите.

    „Ги разгледуваме сите барања на матичните лекари, и настојуваме колку што може повеќе од нив да прифатиме. Сѐ уште не можам да кажам кога ќе стартува промената пациентите да се водат на приватната здравствена установа, а не на матичниот лекар, оти се работи на најсоодветно решение. Се разгледува и можноста лиценцата за работа да биде на име на приватната здравствена установа“, вели Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира