Мексиканскиот режисер Гилјермо дел Торо ќе биде претседател на жирито на 75. издание на филмскиот фестивал во Венеција, кој годинава ќе се одржи од 29 август до 8 септември.
Чудовишниот трилер „Обликот на водата“ на Дел Торо лани го освои Златниот лав во Венеција, а годинава има 13 номинации за претстојните Оскари.
Одлуката беше објавена денес, од одборот на директори на Венециското биенале, со кој претседава Паоло Барата. Тој изјави дека ја прифатил препораката на директорот на фестивалот, Алберто Барбера.
„Огромна чест и одговорност е да биде претседател на жирито во Венеција, што ја прифаќам со голема почит и благодарност. Венеција е прозорец кон светската кинематографија и можност да ја славиме нејзината моќ и културна важност“, изјави режисерот.
Директорот на фестивалот Барбера вели дека Дел Торо ја прикажува великодушноста, љубовта кон минатото и иднината на филмовите, на начин кој предизвикува емоции и влијае врз луѓето.
Дел Торо првпат учествуваше на Венецискиот фестивал во 1997 година со „Мимика“.