ГОСПОЃО, ИМЕТО СЕ МЕНУВА, СЕ ПОЖАЛИ ГРУЕВСКИ ПО СУДЕЊЕТО ЗА МЕРЦЕДЕСОТ

    ГОСПОЃО, ИМЕТО СЕ МЕНУВА, СЕ ПОЖАЛИ ГРУЕВСКИ ПО СУДЕЊЕТО ЗА МЕРЦЕДЕСОТПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е обвинет во пет случаи на СЈО. - Груевски пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: М. Златевска)

    Обвинетиот експремиер Никола Груевски се пожали дека неговото судење за мерцедесот е политички процес со цел да се одвлече вниманието од промената на името и јавноста да се занимава со неговото секојдневно одење на суд, одговарајќи на новинарско прашање дали е негов гласот на снимките, на кои што се слуша како нарачува масажери и телевизорчиња во мерцедесот што го нарачувало МВР.

    „Госпоѓо, гледате дека името се менува“, одговори Груевски по судењето за случајот „Тенк“ на СЈО.

    Претходно, на рочиштето тој обвини дека против него се води монтиран политички процес. Не помогна ни опомената од судијката Добрила Кацарска од Основниот суд Скопје 1 да седне на своето место, па Груевски, кој е обвинет и во четири други случаи на СЈО, продолжи:

    „Не сум изненаден што ги одбивте сите приговори на мојата одбрана за валидноста на прислушуваните разговори и за вештачењето, направено од вештак без лиценца. Ова е политички процес. Барем еден ден да не сум на суд во неделата. Се менува името на државата и треба сега за мене да се зборува, а не за тоа“.

    „Не мешајте политика“, повторно го опомена судијката.

    Но, Груевски не седна на местото и продолжи да прашува за одбиените приговори. Кацарска го потсети дека приговорите советот ги одби зашто одбраната веќе ги имала поднесено во фаза на оценка на обвинението, а Кривичниот и Апелацискиот суд дека и „бомбите“ ќе важат како докази и направените вештачења се прифатени.

    Судијката на крајот прифати утре да не се одржи судењето за „Тенк“, туку во петок. Барањето на Груевски и другите двајца обвинети Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски да се одложи утрешното рочиште беше за да се спремат за големиот судски процес „Траекторија“ што е закажан за среда. Сепак, Груевски со рака покажа кон новинарите и пред да се заклучи денешната расправа пак се сврте кон судијката.

    „Може и новинарите да станат вештаци, супер. Не треба лиценца“ рече тој и ја напушти седницата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира