Повторно обоено лицето на поранешниот премиер Никола Груевски. Антивладините демонстранти пред зградата во која живее тој, на улица Бихаќска, односно Павел Шатев по ново, поставија негов портрет кој служеше како мета за балони со боја и пушки на вода полни боја. Под прозорците на Груевски се пуштаат бомби и се скандира „Шутка не ти бега Никола“.
Шарените ревлоуционери носат трнаспаренти „Извршители наместо инвеститори“, „Не ви се плашиме“ и „Да му ја запалиме кафаната“. На пат кон зградата на Груевски тие ја обоија потемнетата фасада на зградата во која е сместен Државниот пазарен инспекторат.
Вечева шарената револиција протестира против против грабежот извршуван од страна на богатите врз сиромашните, против извршителското самоволие и за Македонија во која сите ќе можат чесно да работат, да заработуваат и да имаат достоинствен живот. Освен во Скопје денес се протестира и во Радовиш, Делчево, Кичево, Валандово, Велес, Прилеп, Струмица, Битола и Гевгелија.
Граѓанското движење „Протестирам“ организира демонстрации ширум Македонија точно еден месец, од 12 април. Главните барања на демонстрантите се повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.